|
По повод Светскиот ден на науката, денес во Народната канцеларија на Претседателот на Република Македонија во Скопје, се одржа изложба на иноваторски проекти и експонати на млади научници, во организација на Сојузот на здруженијата за техничка култура на Република Македонија – Народна техника и Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ - Скопје.
На изложбата беа претставени проектите на средношколците кои беа наградени на Државниот натпревар на млади истражувачи - НАУКА НА МЛАДИТЕ, што го организира Народна техника, како и најдобрите проекти на студентите од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ). Учествуваа млади научници од Скопје, Прилеп, Берово, Велес и Пехчево.
Претседателката на Народна техника, проф. Христина Спасевска, изрази благодарност до претседателот Иванов што им овозможи денешната изложба да биде организирана во Народната канцеларија, како и за неговата континуирана поддршка на активностите и настаните кои имаат за цел да ја промовираат науката меѓу младите.
„Сојузот на здруженијата за техничка култура - Народна техника, веќе 65 години организира натпревари на кои младите научници се натпреваруваат со свои проекти. Наградените ученици воедно стануваат носители на стипендии од Министерството за образование и наука. Денес овде во Народната канцеларија се претставени експонати од млади научници од средните и основните училишта кои веќе учествувале на нашите натпревари и ги зеле најпрестижните први награди. Исто така, овде се претставени и проектите на младите научници од Факултетот за електротехника и информатички технологии од областа на автоматика, роботика и телекомуникации. Се потрудивме да направиме собир од младите научници од основните и средните училишта, и младите научници од факултетите кои можат овде да разменат искуства и мислења, и да иницираат понатамошни заеднички проекти,“ истакна проф. Спасевска.
Во своето поздравно обраќање деканот на ФЕИТ, проф д-р Миле Станковски, на присутните основци, средношколци и студенти им го честита Денот на науката, повикувајќи ги да се занимаваат со наука и да дојдат на студираат на Факултетот за електротехника и информациски технологии.
„Нашите студенти на многу меѓународни натпревари освојуваат врвни места. Еден таков пример е од минатата недела кога група наши студенти од електроника по втор пат го освои првото место на Балканскиот натпревар по роботика и електроника. И минатата и оваа година потврдија дека се навистина најдобри на Балканот,“ истакна деканот Станковски.
Демонстраторот на ФЕИТ, Бранислав Гиразов кој работеше на подготовка и координација на студентите – добитници на првото место на Балканскиот натпревар по роботика и електроника во Бања Лука, истакна дека најголемата заслуга за наградата ја имаат студентите од втора, трета и четврта година, кои резултатот го постигнаа преку самостојна работа со минимум супервизија.
„Натпреварот траеше една недела. Претходно имаше некои основни запознавања со задачата, но по пристигнувањето на Електро-техничкиот факултет во Бања Лука имавме пет дена да ја изработиме роботската рака со која ќе учествуваме на натпреварот. Имаше вкупно 6 противнички екипи, покрај нас и од Ниш, Белград, Нови Сад, Бања Лука и Романија. По цели денови работевме во лабораторија и на крај успеавме да го составиме целиот систем. Напорната работа нè доведе до успех. Ние победивме во натпреварувачкиот дел, каде имаше борба на робот против робот. Во борбените натпревари немавме изгубена партија, па завршивме како шампиони,“ истакна демонстраторот Гиразов, кој најави дека студентските тимови од ФЕИТ планираат да се натпреваруваат и на други меѓународни натпревари.
Народната канцеларија на претседателот Иванов останува отворена за сите иницијативи и настани кои имаат за цел да им овозможат на младите луѓе да го развиваат својот креативен и творечки потенцијал, да се натпреваруваат и да постигнуваат успеси.
|