Претседателот Иванов во Сочи со Награда за мир од меѓународната организација “Мир и Спорт”
Петок, 02 Ноември 2012   

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, од меѓународната организација “Мир и Спорт” во рамки на форумот кој се одржува во Сочи, доби посебно признание за неговите заложби за промоција и унапредување на мирот преку спортот. Наградата му ја додели претседателот и основач на организацијата “Мир и Спорт“, Жоел Бузу.

“Тоа е мотив за секого и потврда дека доколку искрено се пристапи кон секоја идеја, кога тогаш тоа ќе даде резултати и меѓународна промоција. Иако сме мала земја покажавме дека можеме да работиме со младите и да им укажеме дека Македонија е земја на различности и дека кога се спортува тие разлики немаат влијание, туку има мотивација да се натпреварува”, изјави престедателот Иванов.

Според Претседателот, иницијативата на Принцот Алберт Втори од Монако преку спорот да се промовира мирот е една благородна идеја која потикнува спортистите што повеќе да се вклучат и да имаат поголема улога во промовирањето и креирањето на мирот.

“Преку спортот многу повеќе може да се помогне особено во оние средини кои немаат моќ сами да се справат со наследството што им го оставиле. Во тие средини преку спортот луѓето ја чуствуваат моќта на мирот, односно да се биде во мир и да може да се натпреваруваат и постигнуваат резултати, кои потоа им овозможуваат да се пробиваат во меѓународните асоцијации и натпревари”, истакна претседателот Иванов.

Во Македонија изминатата година под покровителство на претседателот Иванов беше реализиран проектот “Спортот како фактор на толеранција заедништво и почитување”. Со него беа опфатени над 300 деца од различна етничка и верска припадност од 6 општини. Основната цел на проектот беше преку спортот децата да се запознаваат меѓу себе и да научат да ги почитуваат различностите на другиот.

Претседателот Иванов, и годинава беше еден од главните говорници на Меѓународниот форум "Мир и спорт", на кој учествуваат повеќе од седумстотини делегати од стотина земји, меѓу кои политички лидери, претставници од бизнис елитата, од меѓународните организации и граѓанското општество, претставници од Меѓународниот олимписки комитет, и голем број спортисти со светско реноме.

Mеѓународниот форум “Мир и спорт“ е инициран во 2007 година со цел да придонесе кон одржување и негување на мирот во светот преку спортот, односно поттикнување на соработка и размена на искуства во насока на креирање иницијативи преку кои спортот ќе биде ставен во функција на мирот.
 

  Back<<Назад