|
Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска во црноморскиот град Сочи оствари средба со рускиот министер за спорт Витали Мутко, на која основен акцент беше ставен на воспоставувањето билатерална соработка во областа на спортот, првенствено преку потпишување на договори и спогодби, но и взаемна поддршка и цврсто партнерство во меѓународните спортски федерации.
На средбата, одржана на маргините на шестиот Меѓународен форум "Мир и спорт", двајцата соговорници изразија подготвеност за размена на тренери за потребите на спортските школи, обучување на кадри, користење на спортски капацитети, како и за соработка меѓу високообразовните установи преку вклучување во специјализирани образовни процеси за надградба во областа на спортот.
„Русија е отворена за соработка со Македонија. Имавме конструктивна средба. Разговаравме за соработката во делот на спортот и во поучувањето на кадри од Македонија и од Руската Федерација,“ истакна рускиот министер Мутко. Претседателот Иванов го информираше рускиот министер за активностите и проектите што ги спроведува македонската Влада за унапредување и развој на спортот, создавање на висококвалитетни кадри, како и за поттикнување на спортскиот дух кај младите преку изградба на спортски терени, игралшта и сали.
Македонскиот претседател оцени дека форумот, кој се одржува под поковителство на принцот од Монако Алберт Втори, секоја година има се поголемо значење и тоа не само меѓу спортистите, туку и кај политичарите и пошироката меѓународна заедница. Како што нагласи претседателот Иванов, спортот помага да се разрешат многу прашања и пред да се најдат на политичката агенда.
Претседателот Иванов, и годинава е еден од главните говорници на Меѓународниот форум "Мир и спорт", на кој учествуваат повеќе од седумстотини делегати од стотина земји, меѓу кои политички лидери, претставници од бизнис елитата, од меѓународните организации и граѓанското општество, претставници од Меѓународниот олимписки комитет, и голем број спортисти со светско реноме.
Mеѓународниот форум “Мир и спорт“ е инициран во 2007 година со цел да придонесе кон одржување и негување на мирот во светот преку спортот, односно поттикнување на соработка и размена на искуства во насока на креирање иницијативи преку кои спортот ќе биде ставен во функција на мирот. По минатогодишното учество на меѓународниот форум “Мир и спорт“, што се одржа во Монако, во шест општини во Република Македонија се спроведе проектот “Спортот како фактор за толеранција, заедништво и почитување“, чиј покровител беше претседателот Иванов.
|