Во план е отворање на катарска амбасада во Скопје - Проштална средба со катарскиот амбасадор Солтан Саад ал Мораики
Понеделник, 29 Октомври 2012   

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денеска во проштална посета, го прими Амбасадорот на Катар, Н.Е. Солтан Саад ал Мораики На срдечната средба македонскиот претседател му заблагодари на амбасадорот на Катар за неговата досегашна посветеност во продлабочувањето на соработката и севкупните односи меѓу двете земји.

Двајцата соговорници изразија очекување за интензивирање на контактите во периодот кој следи, како и очекување за максимална посветеност на искористувањето на сите можности за зајакнување на економската соработка. Во тој контекст, амбасадорот Солтан Саад ал Мораики го потврди интересот на Катар за инвестирање во Македонија, во неколку области и истакна дека се разгледуваат повеќе можни проекти.

На средбата беше констатирано дека двете земји имаат одлични билатерални односи, за што сведочат и редовните средби на највисоко политичко ниво, и беше постигната согласнот за поинтензивна и поблиска соработка во сите сфери од заеднички интерес. Воедно беше разговарано и за планираното скорешно отворање на катарска амбасада во Скопје.

Претседателот Иванов истакна дека Република Македонија високо ги вреднува напорите што Државата Катар ги прави во насока на градење на мирот во исклучително сложениот регион на Блискиот Исток и Северна Африка, при што се издвојува ангажманот во рамките на Алијансата на цивилизациите на Обединетите нации; ангажман кој беше потврден и со значајната поддршка на Дијалогот меѓу цивилизациите одржан во Охрид во 2003 година.

На прошталната средба, претседателот Иванов меѓу другото пренесе поздрави до Емирот на Катар, Шеик Хамад бин Калифа и изрази задоволство што за време на неговата посета на Република Македонија беа потпишани неколку билатерални договори од повеќе области, од кои во идна се очекуваат и конкретни резултати.

 

  Back<<Назад