Теоретското знаење да се примени во пракса - Средба со најдобрите студенти на Универзитетот „Св. Климент Охридски“
Понеделник, 29 Октомври 2012   

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес во својот Кабинет ги прими студентите со највисок просечен успех од втора година на студиите на шесте факултети по општествени науки на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола.

Дво-часовната средба со Претседателот, претставуваше прилика 30-тината најдобри студенти од општествените науки да ги изложат своите видувања, проблемите и предизвиците со кои се соочуваат, како и предлозите за подобрување на одредени процеси и состојби.

Воспоставената практика за редовни средби со најдобрите студенти од сите Универзитети во земјава се заснова врз убедувањето на претседателот Иванов дека постојаното унапредување на квалитетот на образованието е од исклучително значење, и за таа цел неопходно е да се земат предвид мислењата и сугестиите на студентите, идните академски граѓани на Република Македонија, од кои директно зависи иднината и развојот на нашето општество и држава.

„Оваа средба со претседателот Иванов претставува еден несекојдневен настан за нас најдобрите студенти кои имаме просек 10.00. Претседателот ни даде можност да ги споделиме проблемите и предизвиците со кои се соочуваме во студентскиот живот, но и да разговараме за новиот кредит трансфер систем, за успесите кои ги постигнуваме со овој начин на студирање, но и за други прашања поврзани со образовниот процес во нашата држава. Македонија заслужува квалитетен кадар, и само со реформите кои се преземаат во образованието би можеле да ја подигнеме нашата земја на повисоко ниво,“ истакна Флорина Бакиевска, студент на Правниот факултет.

Претседателот Иванов им честиташе на студентите за нивниот досегашен постигнат успех, и го изрази своето задоволство од можноста да се сретне со успешни млади луѓе кои се дел од академската елита на нашата држава. Претседателот нагласи дека го радува фактот што студентите отворено зборуваат за проблемите и предизвиците, што укажува на нивната подготвеност да придонесат кон унапредување на севкупниот образовен систем. Тој посочи дека Универзитетите се институциите од каде што треба да почне реформата и кои треба да понудат програми според потребите на пазарот и општеството.
 
"Нашата држава треба да биде конкурентна на светскиот пазар на трудот, а тоа се постигнува само со квалитетно образование. Не е поентата во Македонија да има само образовани луѓе, туку луѓе кои ќе умеат да го применат теоретското знаење во пракса", им порача претседателот Иванов на најдобрите студенти од битолскиот универзитет.
 
На средбата студентите имаа можност да ги споделат своите мислења околу високообразовиот процес во земјава, а притоа да ги истакнат предностите и недостатоците од истиот. Студенти од Правниот факултет во Битола и Економскиот факултет во Прилеп посочија дека се незадоволни од недостатокот на пракса, а доколку истата ја има, често не се во можност да научат нешто релевантно. Тие воедно искажаа и загриженост за перспективите за вработување по дипломирањето.

"Одговорноста за вашиот личен успех или неуспех е само ваша. За жал, ние се уште функционираме според застарена матрица по која очекуваме државата да ни најде работа. Развивајте ги претприемачките вештини. Битно е додека уште студирате да се самоорганизирате, да работите. Само ако сте упорни ќе постигнете успех. Квалитетот кога–тогаш ќе излезе на виделина,“ посочи претседателот Иванов.

Студентите беа едногласни во ставот дека за нив е голема чест што Претседателот покажа интерес и грижа за нивното студентско секојдневие и наставната програма по која што го надоградуваат своето знаeње, и изразија поддршка и за идни средби од овој вид.

„Претставува чест и задоволство денеска да се биде тука, затоа што не секој има ваква прилика да разговара очи в очи со Претседателот. Ова всушност претставува признание за целиот труд кој сме го вложиле во текот на студиите и во образованието. Добро е што имаме можност да ги изложиме предностите и придобивките кои ги имаме на нашите факултети, но и забелешките и проблемите со кои се соочуваме,“ изјави Христина Амбаровска, студент на Факултет за администрација и менаџмент на информациски системи – ФАМИС.

Студентот од Србија со македонско потекло, Ненад Смиљков, кој студира на Економскиот факултет во Прилеп, изрази благодарност за овозможената стипендија и можноста која Македонија му ја дава да студира тука.

„Исто така, сметам дека ваквите настани, како денешната средба со Претседателот, се многу добри воедно и за вмрежување на самите студенти, најдобрите од сите факултети, затоа што токму тие се идните лидери кои треба да ја водат Република Македонија понатаму,“ истакна Смиљков.

Ова е четврта од серијата планирани средби на Претседателот со студентите од сите универзитети во Република Македонија. Во текот на годинава претседателот Иванов ги прими најдобрите студенти од општествените науки од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип и Универзитетот на Југоисточна Европа – Тетово. 

Идејата на овие средби е да се истакне дека образованието станува врвен приоритет. Покрај тоа, претседателот Иванов со многу активности го поддржува усовршувањето на студентите, како и нивните успеси, пред се преку воспоставувањето на Школата за млади лидери, која секоја година се одржува под негово покровителство, а и со доделувањето на признанието „Најдобар млад научник“.


  Back<<Назад