Спорот меѓу МПЦ и СПЦ не е нерешлив - Српскиот претседател Николиќ во официјална посета на Македонија
Петок, 26 Октомври 2012   

Претседателот на Република Србија, Томислав Николиќ, на покана од шефот на македонската држава д-р Ѓорге Иванов од денеска престојува во официјална посета на Република Македонија, што воедно е и прва официјална посета на српскиот претседател откако беше избран на оваа функција.

Во духот на традиционалните добрососедски односи, на билатералната средба двајцата претседатели разменија мислења за евроинтеграциските процеси на двете земји, со заедничка констатација дека економската соработка меѓу Србија и Македонија  се одвива во добар правец, но дека е потребно интензивирање на трговската размена.

Во однос на постоечкиот спор помеѓу Српската и Македонската православна црква, по средбата со својот српски колега, претседателот Иванов посочи дека како претседатели треба да помогнат да се воспостави дијалог и да почне комуникацијата меѓу свештените лица и црквите.

„Имаме добра волја да помогнеме во дијалогот, но ние не сме тие кои носат решенија за такви прашања според надлежноста што ни е дадена со Уставот на нашите држави, и знаеме до каде можеме да одиме како државници. Црковните прашања бараат црковен одговор,“ истакна претседателот Иванов.

Српскиот претседател Николиќ нагласи дека не гледа нерешлив спор меѓу Македонската и Српската православна црква, изјави во Скопје.

„Многу работи зависат од добрите односи на Македонија и Србија како држави и ако успееме да ги убедиме сите граѓани дека нашето пријателство е искрено, тогаш и нашите цркви ќе почнат поинаку да размислуваат за својот спор,“ подвлече претседателот Николиќ.

Прашан за неговиот став, од времето кога ја предводеше опозицијата, дека ако биде претседател на Србија ќе го промени односот кон уставното име на Република Македонија, кажано во контекст на признавањето на Косово, српскиот претседател Николиќ децидно одговори дека Србија не размислува за промена на ставот кон името на Република Македонија.

„Јас не сум во опозиција, денес сум претседател на држава. И за многу работи мора да размислувам така како што тоа ќе се одрази на судбината на државата и на народот. Тоа беше емотивно реагирање кога Македонија ја призна независноста на Косово и Метохија. Но, тогаш кога Србија го откажа гостопримството на амбасадорот на Македонија во Белград реков дека тоа е срамота,“ истакна претседателот Николиќ.

Во однос на спорот меѓу Грција и Македонија, српскиот претседател посочи дека и двете земји и се пријатели на Србија и дека како што е загрижен за својата држава да стане членка на ЕУ, така е загрижен и за Македонија.

„Ја гледам гордоста на Македонија која инсистира на името, но и гордоста на Грција која исто така инсистира на името, и сметам дека треба да се разговара затоа што без разговор ништо не може да се реши,“ нагласи претседателот Николиќ.

Македонскиот претседател во врска со евроинтеграциите посочи дека и Македонија и Србија имаат препреки на тој пат, но дека сите проблеми кои постојат можат да се решат со дијалог, бидејќи само така се доаѓа до решение.

„Од интерес на Македонија е да има интензивни разговори со јужниот сосед кој претставува препрека за нас на патот кон ЕУ. Се надевам дека ќе се најде решение ако се има желба за тоа,“ истакна Иванов.

Како што посочи и претседателот Николиќ,  Србија и Македонија имаат испреплетено минато, заедничка иднина и заедничка цел - членство во ЕУ, на кој пат имаат проблеми, но прават сè да ги остварат потребните стандарди.

Во рамки на посетата, претседателот на Република Србија утре ќе го посети  валандовското село Сретеново, а заедно со претседателот Иванов во Валандово ќе присуствуваат на 13-та традиционална манифестација „Валандовска ракијада 2012“, а ќе посетат и две македонски винарии.


  Back<<Назад