Нашиот тим се вика Република Македонија – Завршна конференција на проектот за јакнење на заедништвото преку спортот
Четврток, 18 Октомври 2012   

Спортот нема споредна туку исклучително важна улога во општеството бидејќи зближува, поврзува и гради заедништво, истакна претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов во обраќањето на Меѓународната конференција „Спортот како фактор за толеранција, заедништво и почитување“, завршна активност во рамките на истоимениот проект инициран од Геостратешкиот институт „Глобал“.

Претседателот, кој е главен покровител на настанот, истакна дека мултиетничкиот спорт е инклузивна активност преку која се гради подобра иднина за македонското општество во целина. Талентот на поединците, како што посочи Претседателот, освојува натпревари, а тимската работа освојува првенства.

„Мултиетничкиот спорт е токму тоа - тимска работа и на домашен терен и надвор на првенствата. И тоа не само во спортот, туку во секоја сфера на животот. Нашиот тим се вика Република Македонија со сите нејзини граѓани и со сите нејзини заедници, независно од полот и возраста,“ истакна претседателот Иванов.
 
Како пасиониран поддржувач на спортските активности, тој ја искористи можноста да го најави идниот проект – Обележување на спортски ден во Република Македонија. „Овој спортски ден ќе се одбележи така што секој од нас еден ден во годината ќе го одвои на дружење преку спортот“, подвлече претседателот Иванов.

Македонскиот претседател нагласи дека спортот гради солидарност и има моќ да ги поврзе луѓето со еднаква сила со која ги поврзува клубовите и шампионите со нивните посветени навивачи.

"Живееме во мултиетничко, мултијазично и мултирелигиско општество. Како инклузивна, а не ексклузивна човекова активност, спортот подразбира учество наместо изолација. Затоа силно го поддржувам мултиетничкиот спорт и верувам дека така ќе ја осовремениме вековната традиција на толеранција, заедништво и меѓусебно почитување."

Американскиот амбасадор Пол Волерс, еден од поддржувачите на овој проект, во својот говор исткан дека активностите спроведени во негови рамки придонесоа за зближување на младите луѓе од цела Македонија, без разлика на нивното етничко, верско, социјално и културно потекло, во развивањето подлабоки и побогати чувства за себе и за другите.

Претседателот на Геостратешкиот институт „Глобал“, Иван Анастасовски, во чија организација беше одржана оваа конференција, истакна дека преку спортот и преку ваквите проекти ќе им се одговори на оние темни сили кои во Македонија сакаат да заговараат нешто друго.

„Денеска повторно се собравме овде, но не да кажеме дека сме завршиле, туку да покажеме дека сме големо семејство составено од сите заедници, вери и националности и од сите возрасти,“ истакна Анастасовски.

Меѓународната конференција претставува завршна активност на проектот „Спортот како фактор за толеранција, заедништво и почитување“ чиј покровител е претседателот Иванов, а кој изминатава година се спроведе во повеќе општини во Македонија со цел децата од различна етничка и верска припадност преку спортот да го развиваат духот на заедништво, меѓусебно разбирање и почитување.

Како главен покровител и поддржувач на проектот „Спортот како фактор за толеранција, заедништво и почитување“, на претседателот Иванов му беше доделена Благодарница. Организаторите на проектот му заблагодарија на Претседателот за неговата особена посветеност и заложба за овој и сите други проекти кои ги зближуваат младите луѓе од Македонија и придонесуваат за градење на меѓуетничкиот соживот.

  Back<<Назад