Иновациите го движат општеството кон напредок – Претседателот ја посети изложбата на иновации и пронајдоци МАКИНОВА
Среда, 17 Октомври 2012   

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денеска ја посети Меѓународната изложба на експонати, иновации и пронајдоци МАКИНОВА, како и изложбата на иновации од изразен еколошки карактер ЕКОНОВА, кои се одржуваат во рамките на најголемата и најреномираната саемска манифестација ТЕХНОМА 2012.

Со оваа изложба, организирана од Сојузот на пронаоѓачи и автори на технички унапредувања на Македонија (СПАТУМ) и Народна техника, се одбележуваат 55 години иновативно творештво во Македонија. Оваа манифестација им овозможува на граѓаните поблиску да се запознаат со новите пронајдоци, но и да ги презентираат секојдневните проблеми за кои се неопходни нови научни и технолошки решенија.

Претседателот Иванов беше запознаен со голем број иновации, нови технологии и производи, и технички унапредувања наменети за домаќинствата, деловните објекти и индустриските компании. Во рамки на изложбата е застапено и младинското истражувачко креативно творештво, со основна цел популаризација на науката и техниката кај младите.

Како посветен поддржувач на иновациите и новите технички пронајдоци, претседателот Иванов ја поздрави неуморната иницијатива на иноваторите од Македонија, потенцирајќи го нивниот неспорен придонес кон економскиот и техничко-технолошкиот развој на нашата држава. Тој ја изрази својата поддршка за нивните пронајдоци, честитајќи им на сите досегашни успеси.

„Иновациите го движат општеството кон напредок, го олеснуваат животот на луѓето и ги совладуваат препреките и предизвиците. Македонските иноватори се едни од најугледните и најголемите амбасадори на нашата земја во светот, за што сведочат многубројните добиени награди и признанија на меѓународно ниво. Нивната работа покажува дека идејата и креативноста се најголемиот капитал на едно општество и најголем двигател на развојот. Затоа им е потребна поддршката од сите нас,“ посочи претседателот Иванов.

Во рамки на посетата на изложбата на иновации и технички пронајдоци, претседателот Иванов ги обиколи и останатите хали на Скопскиот саем, да се запознае со изложувачите на овогодинешниот Меѓународен саем ТЕХНОМА, еден од најважните промотори на развојот на индустриското стопанство во регионот, кој повеќе од три децении го следи напредокот на најновите достигнувања во областа на технологијата и ја интензивира меѓународната размена.


  Back<<Назад