Реакциите резултираа со враќање на придавката „македонски“ во извештајот на ЕК – изјава на претседателот Иванов
Среда, 10 Октомври 2012   

Идентитетот на еден народ спаѓа во оние базични категории за кои не може да се прави компромис со никого, истакна денеска претседателот на Република Македонија д-р Ѓорѓе Иванов, во изјава за медиумите во однос на враќањето на придавката „македонски“ во извештајот на Европската комисија, како и за неговите најави дека нема да го прими документот ако таа биде повторно изоставена.

Претседателот Иванов, во изјавата за медиумите на маргините на одбележувањето на 45-годишнината од формирањето на МАНУ, оцени дека вредеа сите настојувања и политички битки за „македонски“ да се врати во извештајот.

„Како што се вели меѓу народот, ако не се борите, однапред сте изгубиле. Затоа толку бев упорен токму за ова, затоа што во изминатите два извешти на ЕК тоа беше изоставено. Секогаш сум реагирал и ќе продолжам да реагирам кога се посегнува по кој било дел од нашиот идентитет, затоа што идентитетот спаѓа во оние базични категории за кои не може да правите компромис со никого,“ изјави претседателот Иванов, нагласувајќи дека секогаш мораме соодветно да реагираме кога има обиди нешто што е наше да ни биде ускратено.

Шефот на државата поради изоставувањето на продавката „македонски“ во претходните два извештаи на Европската комисија, лани и во 2010 година, испрати писма до претседателот на ЕК, Жозе Мануел Баросо, во кое му укажа дека таквата практика на Брисел ги навредува чувствата на македонскииот народ. Претседателот Иванов во писмата до Барсо нагласи и дека тоа не помага ниту за изнаоѓање решение за наметнатиот спор за името од страна на Грција.

Претседателот на Република Макеоднија д-р Ѓорге Иванов во годишното обраќање пред пратениците во Собранието на Република Македонија во декември 2011, најави и дека нема да го прими новиот извештај на ЕК ако во него не е содржана придавката „македонски“.

  Back<<Назад