|
Вториот ден од офцијалната посета на Босна и Херцеговина претседателот Ѓорге Иванов во Бања Лука оствари средба со претседателот на Република Српска, Милорад Додик, на која уште еднаш беа потврдени пријателските односи и истакната потребата од интензивирање на економска соработка.
Претседателот Иванов, на средбата беше информиран за внатрешно политичката и економска состојба во Република Српска и БиХ. Во разговорите, Додик истакна дека Република Српска негува пријателски односи кон Република Македонија и го поздрави зголемувањето на економската активност на македонски компании на тендери во Република Српска. Взаемен беше заклучокот дека економската соработка треба да се унапредува, а влезот на градежната компанија „Гранит“ се смета како добар почеток.
Претседателот на Република Српска го информираше претседателот Иванов за планираните инвестициски проекти и ги покани македонските компании да учествуваат на нив. Македонскиот претседател ја потенцираше потребата од што побрзо потпишување на Договорот за ослободување од двојно оданочување, со цел унапредување на економската соработка.
Претседателот Иванов и Додик разменија мислења и за состојбата во регионот, а македонскиот претседател нагласи дека поголемата инфраструктурна и енергетска поврзаност, како и ЕУ и НАТО интеграцијата ќе придонесат за трајна стабилност и просперитет на Балканот.
Претходно претседателот Иванов оствари средба со претставници на Здружението на Македонците во Бања Лука, кои првпат се посетени од македонски претседател. Иванов разговараше со нив и притоа истакна дека го радува што меѓу нив гледа многу успешни луѓе, кои се лојални на државата во која што живеат и истовремено ги негуваат врските со својата матична татковина. “Во минатото живеевме заедно и очекуваме иднината повторно да не обедини. Затоа толку внимание посветуваме на Европа “, истакна претседателот Иванов.
Македонскиот претседател најави дека преку програми и проекти на министерствата за образование и култура ќе им се помогне на македонските здруженија.
Македонската заедница во Бања Лука, според одредени проценки, брои околу 500 лица, но нивниот број ќе се знае по пописот на населението во БиХ, најавен за следната година.
Македонците во Бања Лука велат дека се почитувани и омилени меѓу своите сограѓани во Република Српска, но оти им недостасува поголема поддршка од Република Македонија. Особено се радуваат на културни манифестации кои, како што велат, им помагаат за одржување на македонскиот дух.
Во рамки на посетата на Бања Лука, претседателот Иванов оствари средба и со претседателот на Народното собрание на Република Српска, Игор Радојчиќ.
|