Претседателот Иванов одликуван со орден од Европското движење на Босна и Херцеговина
Четврток, 04 Октомври 2012   

Европското движење на Босна и Херцеговина на македонскиот претседател Ѓорге Иванов му додели Орден за заслуги во евроинтегративниот процес на Босна и Херцеговина.  Признанието му беше доделено на претседателот Иванов за неговиот придонес  во процесот на помирување на народите во регионот, за економска соработка меѓу Македонија и Босна и Херцеговина и за значајната поддршка на Сараево на патот за влез во Европската Унија.

Заблагодарувајќи се за искажаната чест  претседателот Иванов изјави дека ова признание за него претставува награда за Република Македонија, за сето она што го прави за европската идеја да стане европска реалност.

“На нашиот рeгион му треба Европа, но и на Европа и треба Балканот бидејќи ЕУ без Балканот се уште не е Европа. На Балканот му е потребна европската идеја затоа што, како што вели Жан Моне - Ја градиме Европа, го градиме мирот. Токму тој мир му треба на нашиот регион, бидејќи токму тој мир носи просперитет, носи и развој”, истакна Иванов по повод доделувањето на признанието.  Нам, додаде тој, ни е потребен дијалог, бидејќи преку дијалог можеме да дојдеме до сите решенија.

 “Преку дијалогот да го градиме мирот, затоа што мирот нема цена. За нас на Балканот, Европа значи пред се мир и нешто што ни доаѓа од иднината. Посакувам на сите граѓани на БиХ европска иднина”, изјави претседателот во неговото обраќање по доделувањето на Орденот.

Европското движење на БиХ од 2010 година го доделува Oрденот за највиски заслуги за процесот на евроинтеграции на БиХ. Оваа година добитници на ова високо признание за економска соработка, за процесот за помирување на народите и поддршка на евроинтеграцијата покрај  претседателот Иванов се и словенечкиот претседател Данило Тирк и сопственикот на германската интернационална компанија "Мегле', Тони Мегле.

  Back<<Назад