|
Претседателот Иванов побара од босанските власти да помогнат во истрагата за смртта на Трајковски
|
|
Четврток, 04 Октомври 2012
|
|
|
Босанската страна да помогне за завршување на истрагата за смртта на поранешниот претседател на Република Македонија Борис Трајковски, побара денеска во Сараево македонскиот претседателот Ѓорге Иванов, кој е во официјална посета на Босна и Херцеговина.
Претседателот Иванов, побара од надлежните органи во БиХ да помогнат да се дојде до вистината за смртта на Трајковски, да ги уважат стручните експертизи на Комисијата на Република Македонија и да преземат се што е потребно за затворање на истрагата. - Го отворивме и прашањето кое стои се уште незатворено за случајот со смртта на нашиот поранешен претседател Трајковски за конечно да има институционална завршница за да не се создаваат шпекулации, изјави на прес-конференција по средбата со својот домаќин претседавачот на Претседателството на БиХ Бакир Изетбеговиќ.
Претседавачот Изетбеговиќ, пак, истакна дека босанската страна ќе помогне на секој начин оваа голема истрага да се заврши.
В о фокусот на разговорите денеска во Сараево беше и потребата од интензивирање на економската соработка меѓу двете држави што подразбира потпишување на повеќе билатерални договор, меѓу кои и Договорот за избегнување на двојно оданочување. Во таа насока, денеска беше потпишана Спогодбата за соработка во областа на здравството и медицинските науки.
Претседателот Иванов на средбата ја афирмираше потребата да се реализира проектот „Јадранско-јонска магистрала“ и нејзино поврзување со коридорите 8 и 10. Апелираше овој проект да биде на највисоко ниво во агендата на двете држави.
Со цел унапредување на економските релации, претседателот Иванов и Изетбеговиќ искажаа поддршка за учество на македонски компании на Мајскиот бизнис форум што ќе се одржи идната година во Сараево.
Во однос на заедничката стратешка цел, членството во ЕУ и НАТО, македонскиот претседател изјави дека Македонија и понуди помош на БиХ во однос на евроинтеграциските процеси преку потпишувањето на спогодби и споделување на искуства.
На средбата во Сараево уште еднаш беше констатирано дека Македонија и Босна и Херцеговина имаат пријателски односи и дека нема отворени прашања.
Одговарајќи на новинарско прашање за писмото од грчкиот министер за надворешни работи Димитрис Аврамопулос до шефот на македонската дипломатија Никола Поповски, претседателот Иванов рече дека „со Република Грција имаме билатерален договор од 1995 година (Времената спогодба) и таа треба да се почитува“.
За утрешното најавено гласање доверба на Владата во Скопје, шефот на државата изјави дека е нормално во демократијата да постои таков процес и тоа секогаш ги принудува коалициските партнери да размилуваат како ќе делуваат во иднина.
- Ние на Балканот сме 20 години во период на независност и создавање демократски институции. Досега поминавме низ неколку изборни циклуси и имаме стабилни институции. Во однос на прашањето за гласање доверба на Владата, треба и ние да се навикнеме како и западните демократии дека секогаш опозицијата има право да ја контролира власта. Бидејќи ние имаме едно лошо искуство од сето она што беше на Балканот и кај населението се создава страв да не настане криза, рече шефот на државата.
Македонскиот претседател во рамки на посетата оствари средби со членови на колегиумот на Двата дома на Парламентот и средба со претседателот на Советот на министри, Вјекослав Беванда.
|