|
Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, на маргините на 67, Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк, оствари билатерална средба со Генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки-мун. Централна тема на разговорите беше процесот за разрешување на проблемот со името, при што претседателот Иванов нагласи дека Република Македонија во разговорите секогаш зазема активна и конструктивна позиција и покажува посветеност за придвижување на разговорите во рамката предвидена од ОН.
Генералниот секретар информираше за разговорот што го водел со грчкиот премиер Андонис Самарас, за спорот меѓу Македонија и Грција за името, и најави дека и со други активности ќе поттикнува решавање на спорот.
„За време на неговата посета на Македонија тој вети дека лично ќе разговара со премиерот на Грција, Самарас, и на оваа средба ме информираше за содржината на неговиот разговор и за тоа што било договорено меѓу нив. Средбата која беше навистина содржајна беше можност и за взаемно информирање за актуелните настани и прашања поврзани со спорот што го имаме со Грција. Генералниот секретар вети дека повторно ќе разговара и со господинот Нимиц, за да може да се интензивира оваа дебата која ја имаме веќе 19 години. Ние како држава не можеме да чекаме уште 19 години, да се истоштуваме во еден ирационален спор кој е единствен во историјата на ОН,“ изјави претседателот Иванов по средбата со Бан Ки-мун.
На средбата,претседателот Иванов потсети дека конструктивноста на Македонија и добрата волја на македонската страна е потврдена и од највисокиот суд на Обединетите нации, Меѓународниот суд на правдата. Македонскиот претседател истакна дека обврска на Република Грција е во иднина да ја почитува одлуката на Судот, како и Времената спогодба потпишана меѓу двете страни.
Претседателот Иванов го информираше генералниот секретар Бан дека Македонија е подготвена во секој момент да седне на масата за разговори со Грција, и истото го очекува и од другата страна, суштински, а не само декларативно.
Претседателот Иванов побара од својот соговорник да се заложи спорот да се води исклучиво во рамките предвидени од резолуциите на Обединетите нации посветени на спорот, Времената спогодба и со почитување на пресудата на Меѓународниот суд на правдата. Македонскиот претседател особено го осуди проширувањето на спорот кон теми кои навлегуваат во слободното изразување на националниот идентитет, јазикот и културата.
„Од наша страна беше потенцирано дека е неопходно Грција да се придржува до рамката во која се водат овие разговори, односно да се почитуваат резолуциите на Обединетите нации, Времената спогодба и сега пресудата на Меѓународниот суд на правдата. Секое отстапување од рамката доведува до бескрајно водење на овие разговори кои никогаш не можат да доведат до решение ако се навлегува во идентитетски прашања, за кои никој на овој свет не разговара, или пак сака некој да му го оспори неговиот идентитет’, изјави претседателот Иванов.
Претседателот додаде дека прашањата од историјата се актуелни за историчарите, додека Македонија има обврска, преземена пред ОН, да разговара за разликата со Грција околу името.
На средбата во Њујорк, претседателот Иванов му се заблагодари на генералниот секретар Бан Ки-мун за посетата во јули оваа година, што е прва официјална посета на генерален секретар на ОН на Република Македонија. Претседателот Иванов посочи дека Македонија исклучително ја почитува Организацијата на Обединетите нации, и активно придонесува во реализирањето на целите на ОН. Претседателот Иванов и Генералниот секретар Бан разговараа и за македонскиот придонес кон регионалната соработка, во интеграциите со Европската Унија и НАТО, а македонскиот претседател информираше и за подготовките за македонското претседавање со Процесот на соработка во Југоисточна Европа во 2013 година, како и за Форумот на Дијалогот меѓу цивилизациите.
|