Најуспешно учество на Генералното собрание на ОН досега – средба и со посредникот во спорот за името Нимиц
Четврток, 27 Септември 2012   

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, пред крајот на неговата посета на САД, на маргините на 67. Генерално собрание на Обединетите нации, оствари средба и со посредникот на ОН во македонско-грчките разговори за името, Метју Нимиц.

Амбасадорот Нимиц, по средбата со македонскиот претседател во Њујорк, изјави дека пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг, во врска со спорот меѓу Македонија и Грција, е значајна, и на неа треба да се обрне внимание.

„Мислам дека одлуката на Меѓународниот суд на правдата заслужува да биде проучувана и набљудувана. Јас не сум експерт за овој конкретен аспект, тоа не спаѓа под мојот мандат, кој е медијација меѓу двете земји според резолуциите на Советот за безбедност и Времената спогодба. Но, јасно е дека МСП е една од најголемите светски институции и неговите одлуки заслужуваат полна почит,“ изјави амбасадорот Нимиц по средбата со претседателот Иванов.

Долгогодишниот посредник во спорот најави дека негов следен чекор ќе биде организирање на средба на двајцата именувани преговарачи, Зоран Јолевски и Адамантиос Василакис, и тоа веројатно во рок од еден месец, а дека размислува и да го посети регионот, кога ќе направи проценка дека е најдоброто време за тоа. Амбасадорот Нимиц истакна дека во Њујорк, освен со Иванов, имал средба и со грчкиот министер за надворешни работи Димитрис Аврамопулос, и притоа добил уверувања дека двете страни се подготвени за разговори. Додаде дека од Аврамопулос добил уверување дека исклучително тешката финансиска состојба на Грција не значи дека оваа земја нема капацитет да работи и на решавање на спорот за името.

Тој го истакна и личниот ангажман на генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки-мун, кој по неодамнешната посета на Македонија телефонски разговарал со грчкиот премиер Андонис Самарас, да се интензивираат разговорите.

„Тоа е добра вест за мене, бидејќи овие разговори навистина беа бавни во изминатата година, од повеќе причини. Решение требаше одамна да се најде, и овој спор создава многу фрустрации во меѓународната заедница и во регионот. Знам дека генералниот секретар на ОН силно сака ова да се случи, и даде навистина силни инструкции да се види што може да се стори за да ги приближиме двете земји,“ изјави Метју Нимиц.

Според претседателот Иванов, личниот ангажман на Генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки-мун за интензивирање на разговорите, е најзначајното придвижување во спорот за името кое произлезе од годинешново Генерално собрание на Обединетите нации.

„Доколку ги споредувам досегашните три заседанија на Генералното собрание на кои учествував, ова сметам дека е најуспешно, бидејќи беше многу содржајно, почнувајќи од средбата со генералниот секретар Бан Ки-мун, која беше на негово инсистирање. Секретарот Бан ги пренесе неговите сознанија по посетата на Македонија, кога вети дека лично ќе се ангажира за надминување на спорот за името. Се чувствува неговата посветеност по средбата, која ја имавме во Македонија,“ изјави претседателот Иванов по неговото обраќање во ОН.

Претседателот додаде дека секретарот Бан дал лична инструкција до неговиот пратеник за спорот за името, амбасадорот Метју Нимиц, да се интензивираат разговорите на Македонија и Грција, и дека оттаму произлегува и повикот на Нимиц да се организира средба на двајцата посредници во текот на месецот.

Македонскиот претседател истакна дека во изминатиот период имало многу одлагања на разговорите, за што вината е во обидите на грчката страна да се избегне продлабочување на разговорите.

„Од грчка страна постојано има одлагања, доаѓаат избори, сега економската криза е причина за одлагање. Со ова прашање се блокирани нашите стратегиски цели и нас тоа не оптоварува. Грција нема никаков товар од тоа. Не чувствува потреба да го стави на врв на агендата ова прашање,“ истакна претседателот Иванов.

За да има можност да се надмине спорот за името, посочи претседателот, потребно е враќање на спорот во рамките поставени од Времената спогодба и Резолуцијата 817 на Советот за безбедност на Обединетите нации, со кои се бара да се водат разговори за разлика за името. Според него, низ годините, ова прашање се прошири и на други теми кои не се дел од резолуцијата, како што се идентитетот, македонскиот јазик, топонимите, и во последно време историските прашања.
 

  Back<<Назад