Билатерални средби на претседателот Иванов на маргините на 67, Генерално собрание на Обединетите нации
Вторник, 25 Септември 2012   

На маргините на 67. Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк, претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, оствари неколку билатерални средби со шефови на држави и влади. 

На средбата со емирот на Катар,  Шеикот Хамад бин Калифа ал Тани, беше искажано заемно задоволство од позитивниот тренд во односите и соработката. Двајцата соговорници се согласија дека политичкиот дијалог е континуиран и придонесува за јакнење на врските и пронаоѓање на можностите за интензивирање на соработката, особено во сферата на економијата.

За време на разговорот, шеикот Ал Тани го потврди интересот на Катар за инвестирање во Македонија, во областа на производството на електрична енергија, во земјоделството и прехранбената индустрија. Шеикот Ал Тани минатата година ја посети Македонија, при што беа потпишани договори кои создаваат правна рамка за планираните катарски инвестиции во Македонија.

На средбата беше договорено да продолжат контактите на сите нивоа, особено меѓу институциите надлежни за областите во коипостои интерес за катарски инвестиции. И двете земји да преземат мерки за натамошно јакнење на правната рамка.

Во Њујорк, претседателот Иванов се сретна и со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Луксембург, Жан Анселборн. Претседателот Иванов на средбата побара поддршка со цел на декемврискиот Европски совет да се донесе одлука за почнување на преговорите за прием на Македонија во Европската унија.

На средбата, претседателот Иванов ги нагласи трите последователни позитивни препораки на Европската комисија за отворање на преговорите, и истакна дека Македонија има реални очекувања за паралелно движење на интеграциите со ЕУ и разговорите со Грција за надминување на спорот за името. Вицепремиерот Анселборн одговори дека Македонија може да смета на поддршката на Луксембург и изразил надеж дека Македонија наскоро ќе стане членка на ЕУ.

Претседателот Иванов во Њујорк оствари средба и со премиерот на Кралството Бутан, Џигме Тинли на која беше разговарано за можноста за воспоставување на билатерални односи меѓу двете земји. Претседателот Иванов истакна дека Македонија има силен интерес за унапредување и засилување на соработката со земјите од Азија

  Back<<Назад