Претседателот Иванов ја почна посетата на САД со средба со македонската дијаспора
Сабота, 22 Септември 2012   

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов ја почна посетата на Соединетите Американски Држави, каде учествува на 67. генерално собрание на Обединетите нации, со средба со македонските иселеници во црквата Свети „Кирил и Методиј“ во Сидер Гроув, во Њу Џерси.

- Од бројните врски кои ги поврзуваат татковината и дијаспората, најголема е љубовта кон нашата заедничка татковина. Верувам дека токму таа љубов е причина повеќе да бидеме единствени, сплотени и сложни во заложбите за напредна, богата и просперитетна Република Македонија. Желбата за европска и евроатланска Македонија ги обединува не само граѓаните на Република Македонија туку и нашите браќа и сестри од целиот свет. Само така ќе го исполниме сонот на нашите предци за слобода, правда и човечко достоинство. Да се обединиме околу мотото – каква Македонија ќе создадеме таква и ќе имаме. А сакаме да имаме богата, напредна, европска и просперитетна Македонија, изјави претседателот Иванов.

На средбата, покрај голем број Македонци од Њу Џерси, присуствуваа и политичари од оваа држава.Конгресменот Бил Паскрел, долгогодишен поддржувач на Македонија, одржа говор во кој силно се заложи за македонското членство во НАТО.

- Ние како држава немаме право, и Обединетите нации немаат право да ви кажуваат на вас, ниту на било која друга нација, како да се нарекувате самите себеси. Многупати сум зборувал со државниот секретар Хилари Клинтон, мојата добра пријателка, за ова. Сум зборувал со поранешни претседатели, и демократи и републиканци, и не попуштаме од тоа Македонија да биде суверена и независна држава засекогаш и дека нема никаква причина никој да го попречува членството во НАТО. Нашата борба не е да се уништи непријателот, туку непријателот да стане пријател, изјави конгресменот Паскрел.

Тој најави поддршка и за менување на законите за доселување во САД, со цел да им се овозможи на сите доселеници, вклучително и македонските, полесно да дојдат во Америка, и да се поврзат со своите семејства.

Кире Трајчески, претседател на црковната општина „Свети Кирил и Методиј“, побара зачувување на македонскиот идентитет во текот на разговорите со Грција.

- Единствено нешто што не може да се поправи е губењето на името и идентитетот на Македонија и на македонскиот народ. Тоа е нешто што ако еднаш се изгуби, никогаш повеќе нема да се врати, оцени Трајчески.

Претседателот Иванов утре ќе ја посети црквата „Свети Никола“ во градот Тотова. Потоа македонскиот претседател  патува во Бостон, каде ќе одржи предавање на елитниот универзитет „Харвард“, на темата „Македонските интеграции, и почитувањето на различностите во Република Македонија“.

Во четврток претседателот Иванов ќе се обрати на генералното Собрание на ОН. Во рамките на посетата, тој ќе оствари средба со генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки-мун, кој неодамна ја посети Македонија и се информираше за текот на разговорите со Грција за спорот за името.

Претседателот Иванов, покрај билатералните средби во Њујорк, ќе присуствува на приемот на претседателот на САД Барак Обама, како и на свеченото отворање на новите простории на Европската Унија при ОН во присуство на претседателот на Европскиот совет Херман ван Ромпуј и претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо.

  Back<<Назад