|
Република Македонија неодамна одбележа 21 година од својата независност, период во кој го поминавме тешкиот период на нашата транзиција, изјави претседателот Ѓорге Иванов на средбата со Македонците од градовите Тотова и Сидар Гроув во Њу Џерси. Претседателот Иванов, кој присуствуваше на неделната богослужба во црквата „Свети Никола“ во Тотова, на собраните граѓани им порача дека во Македонија се работи за подобрување на економијата и на достоинството на животот.
- Настојуваме на секој начин тоа што е наша стратегиска цел да го оствариме, Македонија да биде и во НАТО и во Европската унија. Се обидуваме сега со нашите млади луѓе, од кои многумина се вратени во Македонија од Канада или Америка, да го направиме животот многу полесен во Македонија и многу подостоинствен. Многу повеќе се инвестира во младите, во образованието, се мисли и на постарите, со инвестирање во здравството. Се отвораат работни места и доаѓаат инвестиции од странство. Се обидуваме да создадеме амбиент во Република Македонија за луѓето да немаат веќе потреба да одат во потрага по својата среќа, како што сте дошле вие тука во туѓина, туку младите да можат да останат да живеат и да работат во Македонија, изјави претседателот Иванов.
Претседателот Иванов на средбата го поздрави вклучувањето на Македонците од дијаспората во парламентарните избори во Македонија. Македонците од Њу Џерси велат дека на следните избори очекуваат и поголем одзив, и додаваат дека за помасовен одзив изборите требало да се организираат и во црквите, а не само во конзулатот во Њујорк.
Црквата Свети Никола во Тотова е основана во 1993 година. Најголемите центри на Македонците во Њујорк и соседната метро област, се Сидар Гроув и Тотова, каде се црквите Свети Кирил и Методиј и Свети Никола и манастирот Свети Ѓорѓи, како и црквата Свети Климент во областа Квинс во Њујорк.
- Напредувавме колку што можевме, со работа, со собирање пари за црквата. Во оваа околина сметаме дека има меѓу 5.000 и 10.000 Македонци, од кои околу стотина семејства се активни, редовно доаѓаат во црквата и ја одржуваат. Црквите се единствени установи кои не поврзуваат со нашата земја. Мораме да се ангажираме повеќе за одржување на јазикот, за одржување на традицијата, вели Велко Митрески, еден од организаторите на работата во црквата Свети Никола, во која има направено и мал изложбен центар, со древни парички пронајдени во Македонија, македонски тутун и други спомени од татковината.
До минатата година во црквата во Тотова функционирала и детска градинка, за 15-ина дечиња кои ја посетувале по неколку дена во неделата, а меѓу нив доаѓале и од други заедници како Ерменци или египетски Копти, кои доаѓаат за богослужба. Митрески вели дека во црквата повремено доаѓале дури и Грци.
|