| Претседателот го додели признанието „Национален уметник на Македонија“ на режисерот Милчо Манчевски | |
|
|
„Кога се зборува за филмското творештво на Манчевски, не може, а да не се истакне дека станува збор за луциден, иновативен и доследен синеаст. Автор чија специфична и оригинална естетика е високо вреднувана од филмската критика и прифатена од филмската публика. Автор кој не ве остава рамнодушни,“ истакна претседателот Иванов. Потсетувајќи дека годинава на тековниот Меѓународен фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ има 28 македонски филмови, Претседателот додаде дека за успешното развивање на македонскиот филм особено значење има токму постигнувањето на Манчевски. Министерката Елизабета Канческа-Милевска нагласи дека Манчевски е уметник со неверојатна имагинација и инвентивност, бескрајно љубопитен и длабокоумен раскажувач. Тој е прв филмски автор кој успеа во еден важен период по осамостојувањето на државата да ја запознае светската јавност и филмската критика со новата држава на Балканот. Со тоа им отвори пат и на идните генерации млади синеасти успешно да се промовираат во светот, рече министерката за култура.
Милчо Манчевски (1959) е филмски режисер, сценарист и професор. Дипломирал на Факултетот за филм и фотографија во Карбондејл, Илиноис, САД. Од 1985 живее во Њујорк каде предава режија на постдипломските студии на „Њујорк Универзитетот“, но често престојува во родното Скопје. Автор е на над шеесет филмски дела: кратки, играни и документарни филмови, видеоспотови, рекламни и долгометражни филмски сценарија. По освојувањето на „Златниот лав“, неговиот филм „Пред дождот“ (1994) беше меѓу номинираните за Оскар од неанглиско говорно подрачје. Сценарист и режисер е и на „Прашина“ во 2001, „Сенки“ во 2007 и на „Мајки“ пред две години. Режираше и делови од серијата „The Wire“.
Автор е на првиот од низата спотови за промоција на државата „Македонија вечна“, на четири книги од кои две со фотографии. Од 2007 година Манчески е и Амбасадор на македонската култура во САД. Милчо Манчевски е втор добитник на титулата Национален уметник на Македонија. Минатиот септември таа му беше врачена и на пијанистот Симон Трпчески. Признанието, кое се доделува врз основа на Законот за национален уметник донесен минатата година, се состои во траен месечен надомест од 1.000 евра.
|
Режисерот Милчо Манчевски кој пред 18 години го освои „Златниот лав“ од престижниот Венециски филмски фестивал за „Пред дождот“, од денеска ја носи титулата Национален уметник, највисоко признание за култура во Македонија. Наградата, со која трајно се вреднува неговиот придонес во развојот и афирмацијата на македонската кинематографија, му ја врачи Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов.
Манчевски кратко им се заблагодари за признанието на Претседателот, Министерката и на Комисијата и на сите блиски кои, како што рече, му биле блиску кога му било лесно, но и кога му било тешко.
Манчевски е добитник на над 40 меѓународни награди за естетски и културни достигнувања за филмовите кои имале над 200 фестивалски проекции на сите континенти. За спотот „Тенеси“ добил награда за најдобро видео на МТВ и е меѓу 100-те најдобри музички спотови според списанието „Ролинг стоун“. Со неговите филмови се отвори нова фаза во современета филмска продукција во Македонија, се појавија меѓународни копродукции и македонски филмови почнаа да се прикажуваат на фестивали од А-категорија. Неговото творештво е дел од наставната програма на стотина универзитети, филмски енциклопедии и кинотеки. Како директни инвестиции од странски партнери и влади, од европскиот фонд „Еуримаж“, со филмовите на Манчевски во Македонија се слеале над 15 милиони евра.










