Преку дијалог да се најде решение за кризата во владината коалиција, порача претседателот Иванов
Вторник, 28 Август 2012   

Различните гледишта меѓу владини коалициони партнери се вообичаена работа во услови на демократија, но за сите тие прашања треба да се најде решение преку дијалог, порача претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, коментирајќи ги последните случувања во владината коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

Претседателот посочи дека однесувањето на владините партнери треба да биде одговорно и во интерес на македонските граѓани.

„Вообичаено е во услови на демократија да има меѓу коалиционите партнери различни гледишта, меѓутоа затоа се тие коалициони партнери и треба на сите тие прашања преку дијалог да им најдат решение. Во услови на демократија секогаш се можни вакви состојби и ние треба по 21-годишно искуство во демократија да бидеме подготвени дека се можни различни активности. Така што, и ова е вообичаено. Веројатно ќе се најде решение, владините коалициони партнери ќе најдат во сево ова и поука, но и дека сите треба да се однесуваат одговорно во интерес на граѓаните на Република Македонија," истакна претседателот Иванов.

Шефот на државата, кој е и Врховен командант на вооружените сили, порача дека лицата што во армиска униформа се појавија на чинот на положување цвеќе пред споменикот на некогашната ОНА во Слупчане треба да понесат одговорност.

„Ние веднаш реагиравме уште на почетокот. Би сакал да појаснам за јавноста, бидејќи има многу шпекулации. Јас дадов налог да се спроведе истрага и Генералштабот на АРМ од таа истрага што ја спроведе констатираше дека Армијата нема никаков удел во настанот во Слупчане. Станува збор за лица од Министерството за одбрана, односно лица од кабинетот на Министерот, кои ја злоупотребиле армиската униформа и го довеле до заблуда населението да мисли дека Армијата присуствува на тој чин. Се покренаа сите процедурални активности и се очекува за тие лица да биде преземена одговорност, затоа што е строго пропишано кој може да носи униформа, кога да носи униформа и затоа настанува прекршување на сите тие одредби и Генералштабот ќе предложи до министерството за тие лица да се преземе одговорност", изјави претседателот Иванов, кој денес присуствуваше на одбележувањето на празникот Успение на Пресвета Богородица во истоимениот манастир на Матка.


  Back<<Назад