| Генералниот секретар со лична заложба за брзо решавање на прашањето за името – Бан Ки-мун во посета на Македонија | |
|
|
„Ја нагласив мојата посветеност да олеснам брзо решение. Ќе вложиме максимални напори да разговараме со грчките власти. Веднаш по посетата, ќе го испратам својот специјален претставник Метју Нимиц во Грција за да објасни што разговаравме овде. Јас лично ќе се обидам да го исконтактирам премиерот Самарас за да помогнам во забрзувањето на тој процес. Жално е што две соседни земји не успеаја целосно да ги искористат своите потенцијали за регионална соработка, помирување и развој. ОН ќе сторат сè што е во нивна моќ да го олеснат тој процес. Се работи за долготраен проблем. Свесни за пресудата на Меѓународниот суд на правдата, ќе ги земеме предвид сите аспекти,“ истакна Генералниот секретар, Бан Ки-мун. Претседателот Иванов посочи дека на средбата беа отворени прашањата за имплементацијата на Времената спогодба со Грција и пресудата од Меѓународниот суд на правдата од Хаг, како и за очекуваниот ангажман на ОН за нивно почитување. „Разговаравме дека не треба да има злоупотреба на билатералните спорови, туку да има нивно решавање во согласност со меѓународните договори и доброволно прифатените обврски. Разговаравме за нашиот веќе 20 годишен спор со Грција. Побарав од Генералниот секретар и од медијаторот Нимиц да обезбедат почитување на меѓународните резолуции, да се погрижат разговорите за името да се одвиваат во утврдената рамка, дефинирана со резолуциите на ОН. Тоа е предуслов да дојдеме до заемно прифатливо решение. Секое излегување од оваа рамка само ќе не оддалечува од решение,“ нагласи претседателот Иванов. Македонија, подвлече шефот на државата, инсистира на пресудата од Хаг и преземените обврски од Грција со Времената спогодба од 1995 година.
За пресудата од Хаг, македонскиот претседател нагласи дека Судот ја верификуваше исправната политика на Република Македонија во однос на ова прашање, и затоа таа треба да биде поттик за решавање на спорот со името, за решение кое нема да биде на ничија штета, решение кое нема да го наруши достоинството туку напротив, ќе ја врати довербата меѓу двата народа, двете држави, и ќе придонесе за поинаква перспектива на целиот регион. Во врска со неоснованите обиди на некои страни да ја прикажат Македонија како закана за мирот и безбедноста, претседателот Иванов нагласи дека државата во текот на изминатите 20 години се наметна пред меѓународната јавност како фактор на стабилност во регионот, сето тоа потврдено со факти и аргументи. „Делата што се зад нас ги демантираат сите апсурдни обвинувања за недобрососедство, за некакви тези за територијални претензии. Бевме конструктивни и одговорни кон сите наши соседи, иницијативни во регионалнаата соработка и доследни кон сите меѓународно преземени обврски. Водејќи се од овие принципи на ОН, бевме лојални и кредибилни партнери на ОН, успеавме да спречиме внатрешен конфликт и сите проблеми да ги решаваме по мирен пат,“ нагласи претседателот Иванов потсетувајќи дека Rепублика Македонија на мирен начин и во согласност со меѓународното право ги демаркираше своите граници, што е редок случај во регионот.
Претседателот Иванов и Генералниот секретар Бан разговараа и за состојбите во регионот, случувањата на Косово, како и за македонското претседавање со Процесот за соработка во Југоисточна Европа. Генералниот секретар на ОН по средбата со македонскиот претседател, ги посети Плаошник, црквата Св. Богородица Перивлепта и Галеријата на икони, како дел од позначајните културно-историски знаменитости во Охрид, градот кој е под заштита на УНЕСКО. Во продолжение на посетата на Република Макеоднија, Бан Ки-мун во Скопје се сретна со премиерот Никола Груевски и со претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, а ќе има и обраќање пред пратениците во македонското Собрание.
|
Генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки-мун, кој е во официјална посета на Република Македонија, најави дека лично ќе се заложи кај грчките власти за забрзување на процесот за решавање на прашањето за името. Првиот човек на светската организација, по денешната средба со македонскиот претседател д-р Ѓорге Иванов во Охрид, изјави дека ќе се ангажира и за почитување на пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг.
„Искрено верувам дека Генералниот секретар ќе го поддржи и ќе се заложи за исполнување на ова наше принципиелно барање. Апелирам да побара од другата страна да покаже почит кон пресудата од Хаг и Времената спогодба што Грција доброволно ја потпиша во 1995 година. Другата страна да покаже контруктивност и политичка волја за изнаоѓање замено прифатливо решение, да не ги минира разговорите со постојано одолговлекувања и навлегување во други прашања кои навлегуваат во сферата на индивидуалните човекови права, правото на самоиндентификација и навлегуваат во сферата на човечкото достоинство. Оваа рамка е дефинирана од ОН и сметаме дека македонскиот јазик, македонскиот иденититет се неоспорен факт и реалност, и нема да прифатиме да бидат предмет на ниту едни разговори или преговори. Затоа го чекаме нашиот јужен сосед на преговарачка маса, да ја градиме нашата заедничката сегашност и иднина. Подаваме рака на пријателство и добрососедство,“ истакна претседателот Иванов, потсетувајќи дека четири пати го поканил неговиот грчки колега Карлолос Папуљас на средба.
Претседателот истакна дека не е само наш, туку интерес на Европа и на целиот свет, регионот да биде стабилен и просперитетен, за што се потребни интегративни процеси, а не меѓусебни блокади и опструкции.










