Претседателот Иванов во Лондон во поддршка на македонските спортисти на 30-тите Олимписки игри
Четврток, 26 Јули 2012   

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска отпатува во Лондон, лично да ги поддржи македонските спортисти кои ќе учествуваат на 30-тите Олимписки игри во Лондон. Во Олимпиското село веќе се вее македонското знаме.

Со фанфари, со интонирање на химната и кревањето на националното знаме се одржа официјалната промоција на македонскиот олимписки тим во Лондон. Свечен, убаво осмислен момент на кој присуствуваше и претседателот Иванов и првата дама г-а Маја Иванова.

„Тука сум заедно со сите претставници и шефови на држави и влади, да му дадеме значење на овој чин на отворањето на Олимписките игри, а особено денес кога се крева македонското знаме во присуство на нашите спортисти, е величествен момент,“ истакна претседателот Иванов.

Олимпијадата е единствен настан за сите жители на Планетава, и како што нагласи Претседателот -  на Олимпијадата сите се исти. „Нема големи и мали, силни и слаби. Сите земји се рамноправни. Уште од минатото се велича спортот, се велича мирот“, посочи македонскиот претседател.

„За време на Олимпијадата сите сме залепени за ТВ екраните. Ги гледаме сите натпревари, очекуваме нови рекорди, очекуваме нови ѕвезди. Ги гледаме сите спортови, дури и оние, кои нам не ни се блиски. Преку Олимпијадата дознаваме и учиме за нив,“ додаде претседателот Иванов.

Македонските олимпијци од завчера претстојуваат во Олимпиското село во Лондон. Пливачите Марко Блажевски и Симона Маринова и атлетичарите Кристијан Ефремов и Христина Ристеска, веќе минуваат низ подготвителните тренинзи воочи најголемиот спортски предизвик.

Марко Блажевски е носител на почесната обврска да биде македонски знаменосец на церемонијалот на Свеченото отворање.

„Срцето ми трепери од радост што ќе бидам само третиот активен олимпиец што ја имал честа да го носи македонското знаме на отворањето на Олимписките игри, а воедно и првиот пливач што го направил тоа. Притисокот е голем, но, искрено, се чувствувам многу посмирено и порелаксирано по вчерашниот разговор со претседателот Ѓорге Иванов од кого и јас и останатите македонски олимпијци во Лондон добивме голема поддршка“, вели Блажевски.

Свеченото отворање на овогодинешната Олимпијада се очекува да биде спектакуларен настан. На Олимпискиот стадион во Лондон ќе продефилираат 10.490 спортисти од 203 земји од целиот свет. Според најаваите на организаторите отворањето на овој најголем спортски настан на планетава е наменето за сите, и ќе биде исполнето со креативност и бујност. Олимписките игри ќе ги отвори Кралицата Елизабета Втора.


  Back<<Назад