Блокадите во интеграциите нема да ја зголемат довербата - Чешкиот амбасадор на проштална средба со претседателот Иванов
Петок, 20 Јули 2012   

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска во проштална посета го прими амбасадорот на Чешката Република, Н.Е. г. Јозеф Браун. 

           
На срдечната средба, претседателот на Република Македонија му заблагодари на чешкиот амбасадор за неговата досегашна посветеност и ангажман во продлабочувањето на билатералната соработка во речиси сите сфери, воедно изрази благодарност за континуираната и отворена поддршка од Чешката Република за македонските интеграциски процеси.

Во однос на евроатланската интеграција на Република Македонија, претседателот Иванов го повтори ставот дека блокадите во интеграциите нема да ја зголемат веројатноста за изнаоѓање решение на прашањето за името.

„Напротив, поголема комуникација и интеракција ќе ја зголеми довербата и ќе создаде амбиент за изнаоѓање на решение во кое нема победници и губитници. Но,  за тоа е потребна волја и од Атина, и стриктно придржување до рамката во која се водат разговорите,” потенцираше Претседателот.

Пред амбасадорот во заминување,  македонскиот претседател  додаде дека Република Македонија  не бара ништо подруго од тоа што го бараат земјите членки на еврозоната - Грција да ги почитува меѓународно преземените обврски.

„Пресудата од Хаг,  како и меѓународно преземените обврски со Времената спогодба, мора да се почитуваат, а на Република Македонија треба  да и биде овозможен фер третман и примена на позитивниот модел на паралелно движење во интеграциите и решавањето на билатералните прашања,” посочи на прошталната средба претседателот Иванов.

Двајцата соговорници изразија задоволство  од постигнатото ниво во севкупните  односи, како и од перманентниот политички дијалог, со очекување дека соработката ќе продолжи и ќе биде интензивирана во наредниот период.

Претседателот Иванов, упати поздрави до Претседателот на Чешката Република, Вацлав Клаус, со очекување дека неговиот наследник  ќе оствари  возвратна официјална посета на Република Македонија.


  Back<<Назад