| Инвестициите во „Жабени“ ќе отвораат нови работни места - работна посета на претседателот Иванов на Битола | |
|
|
Градоначалникот Талески го информираше шефот на државата за инвестиционите и градежните активности во индустриската зона „Жабени“, каде во тек е официјалното започнување на изградбата на најголемата странска гринфилд-инвестиција во државата, фабриката на германската компанија „Кромберг и Шуберт“, но и за интересот на други компании својот бизнис да го развиваат во Битола. „Сакав да видам како напредува оваа инвестиција која создава перспективи, пред сè за младите луѓе и за оние кои се определиле за техничките струки. Ваква фабрика во нашиот регион е реткост. Градбата напредува благодарение на поволностите и условите што му се овозможени на инвеститорот,“ истакна претседателот Иванов. Тој посочи дека влегувањето на „Кромберг и Шуберт“ во оваа индустриска зона создава поинаков амбиент, и ќе поттикне и други странски инвеститори да доаѓаат. „Ќе се отвораат нови работни места, ќе се овозможат вработувања за младите луѓе, а со тоа ќе се подобрува и севкупната состојба во државата,“ нагласи Претседателот. Градоначалникот Талески најави дека наскоро ќе биде објавен нов јавен повик за инвеститори кои до Општината испратиле писма со намери за влез во индустриската зона „Жабени“. Тој изрази очекување дека во текот на наредните неколку години во зоната ќе има дополнителни три до пет илјади вработувања.
Во рамки на работната посета на Битола, Претседателот ги посети и волонтерите во Народната канцеларија, кои го информираа за интересот на граѓаните кои секојдневно ја посетуваат канцеларијата, бројот на доставени предлози, претставки и иницијативи.
|
Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денеска претстојуваше во работна посета на Битола, при што заедно со градоначалникот Владимир Талески ја посети индустриската зона „Жабени“.
Претседателот Иванов, како покровител на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, се запозна и со текот на подготовките за претстојната манифестација, а го посети и филмскиот сет каде се снима најновиот филм на режисерот Столе Попов, каде поразговара со тимот и актерите вклучени во овој филмски проект.










