| Поставен камен-темелник на висококатниците на Џеваир Холдинг во општина Аеродром | |
|
|
Комплексот го сочинуваат четири висококатници со по 42 ката, секоја висока по 130 метри, деловен и трговски центар, на простор од 33.000 квадратни метри. Според најавите на турскиот инвеститор Ибраим Џеваир, објектот се очекува да биде готов за три години, а вкупната инвестиција на оваа турска компанија изнесува 300 милиони евра. На поставувањето на камен-темелникот, покрај претседателот Иванов, присуствуваа и премиерот Никола Груевски, како и повеќе министри на Владата, градоначалници и пратеници. Ова е најголема инвестиција на Џеваир Холдинг на Балканот, компанија која е на врвот на градежниот сектор со реализираните проекти во Турција и во странство, но и меѓу најсериозните странски инвестиции во Република Македонија. Ваквиот градежен проект отвора можности за ангажирање на професионалци и фирми од околу дваесет други гранки, што ќе биде дополнителен импулс на градежничката динамика во земјава.
|
Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска присуствуваше на свеченото поставување камен-темелник, со што официјално започна изградбата на станбено-деловниот комплекс на турската компанија Џеваир Холдинг, во општина Аеродром.
Изградбата на четирите висококатници е најголемата станбена инвестиција во градежниот сектор. По нивното завршување, тие ќе бидат и највисоките згради во поновата македонска историја. Новиот комплекс во општина Аеродром ќе се придонесе кон модернизацијата на Скопје и воопшто на Македонија, како и кон нејзиниот развој и унапредување. Како што нагласи и турскиот амбасадор во Македонија, Ѓурал Сокмеслер, во услови на глобална криза, економските и трговските односи меѓу нашите две земји продолжуваат да се развиваат во позитивна насока.










