|
Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, веќе втора година покровител на Галичката свадба, денес заедно со сопругата Маја, присуствуваше на оваа традиционална манифестација, која годинава го одбележа 50-тиот јубилеј. Честитајќи им го бракот, Претседателот на младенците им подари вредна икона, посакувајќи им заедничкиот живот да го поминуваат во љубов и слога.
Како зет и невеста годинава, на педесет годишнината од првата Галичка свадба, својата љубов ја крунисаа 27-годишната Даница Тортеска и 29-годишниот Трајче Лозаноски. На оваа единствена традиционална свадбена манифестација во селото Галичник на планината Бистра, присуствуваа над две илјади гости, меѓу кои и министри и претставници на дипломатскиот кор, како и бројни туристи од земјата и од странство.
„Голема е честа да се биде покровител на настан кој има толкава традиција. Галичката свадба е израз на сета наша автентичност, сочувани обичаи, нешто што нé прави посебни. Оваа манифестација е добар пример како идните поколенија и помлади генерации треба ја чуваат традицијата, и како преку тоа да посветат поголемо внимание на сопствениот идентитет,“ изјави претседателот Иванов.
Изведувањето на триесетина обичаи карактеристични за мијаците, кои започнаа вчера и продолжија во текот на денешниот ден, беше заокружено со венчавката во црквата "Св. Петар и Павле".
Годинава настанот го збогатија и членовите на КУД "Кочо Рацин", кои ги изведоа ората „Тешкото" и „Невестинско", предизвикувајќи со својата танцова умешност и синхронизираност воодушевување кај бројната публика.
Галичката свадба, како манифестација прв пат е организирана од 1963 година, а во изминатите пет децении прерасна во туристичка атракција. Содржи 30 свадбени обичаи од мијачкиот крај. Свадбите во Галичник секогаш се правеле околу верскиот празник Петровден кога печалбарите се враќале дома.
|