|
Македонското знаме припаѓа заедно со другите во Европа – Одбележан денот на Европското знаме
|
|
|
Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов и амбасадорот на Европската унија во Македонија Аиво Орав, денеска во претседателскиот кабинет Вила Водно, симболично ги разменија знамињата на Република Македонија и на ЕУ во рамки на одбележувањето на Европскиот ден на знамето.
И двете знамиња, планинарите со марш ќе ги однесат на врвот на Водно, што како што истакна Претседателот, укажува на патот кон Европа кој Македонија треба да го помине за да стане дел од европското семејство.
„Се надеваме дека еден ден и нашето знаме ќе биде заедно со сите знамиња на европското семејство и нашите граѓани ќе ги уживаат сите придобивки што ги имаат и европските,“ нагласи претседателот Иванов, изразувајќи надеж дека оваа манифестација ќе ги поттикне сите да целат кон врвот, и да ги достигнат вредностите и придобивките на останатите граѓани на Европа.
На церемонијата на размена на знамињата претседателот Иванов му порача на шефот на делегацијата на ЕУ дека местото на македонското знаме е заедно со другите знамиња во Европа, таму каде што приородно и припаѓа.
„Ние како земја сме географски дел од Европа, и вредносно и културно и во секој поглед и припаѓаме на Европа,“ потенцира македонскиот претседател Иванов.
Евроамбасадорот Орав изрази надеж дека со овој симболичен настан ќе се покаже дека Македонија наскоро ќе се придружи на европското семејство.
Со низа културни, спортски и образовни манифестации во Скопје и низ други градови во Македонија се одбележува Денот на Европа-9 мај, се прославува заедништвото и обединувањето.
Планинарскиот марш, кој тргна од пред канцеларијата на ЕУ во Скопје и преку Кабинетот на Претседателот продолжи кон врвот на Водно, е во организација на Европското движење на Република Македонија и Делегацијата на Европската унија.
|