Претседателот Иванов се сретна со најдобрите студенти од Универзитетот на Југоисточна Европа
Четврток, 03 Мај 2012   

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес во својот Кабинет ги прими студентите со највисок просечен успех од втора година на студиите на факултетите по општествени науки на Универзитетот на Југоисточна Европа.

Претседателот Иванов истакна дека постојаното унапредување на квалитетот на образованието е од исклучително значење, и за таа цел неопходно е да се земат превид мислењата и сугестиите на студентите, идните академски граѓани на Република Македонија, од кои директно зависи иднината и развојот на нашето општество и држава.

За време на дво-часовната средба со Претседателот, 20-мината најдобри студенти од општествените науки ги изложија своите видувања, проблемите и предизвиците со кои се соочуваат, како и предлозите за подобрување на одредени процеси и состојби во високото образование.

Лиридона Велиу, која студира политички науки, посочи дека младината е голем ресурс на една држава, но во недостиг на добра перспектива може да биде и голем проблем за неа.

„Сметам дека ваквите средби со Претседателот се навистина позитивни и се добра можност тој да се запознае со нашите проблеми, очекувања и тоа што сакаме да бидеме во иднина. Ова е добра можност да се запознаеме со луѓето кои само ги гледаме преку екран,“ истакна Велиу.

Меѓу основните забелешки презентирани од страна на студентите е адаптацијата на Болоњскиот процес во македонскиот образовен систем – кредит трансфер системот, размената и мобилноста на студентите. На средбата со претседателот, студентите се интересираа  и за можностите за стипендирање, продолжување и усовршување на своето образование во европските научни центри, што би им овозможило нивните искуствата од светот потоа да ги пренесат во нашата држава.

„Не ги гледаме нашите перспективи само во Македонија, туку и надвор, да видиме што можеме да научиме и да придонесеме за нашата држава,“ посочи студентката Аријета Реџепи. Таа додаде дека нивната средба со претседателот Иванов е добра можност да разговараат за начините за решавање на проблемите.

Според студентите на УЈИЕ, општествените науки во нашата држава генерално се потценети со ограничена перспектива за вработување, што отвара дополнителни прашања за нивната иднина по дипломирањето. Претседателот Иванов им порача да не губат надеж и со своето знаење да се пробиваат низ општествената хиерархија, затоа што квалитетот секогаш излегува на површина. Со самото тоа што вие сте меѓу најдобрите студенти имате основа да бидете успешни во животот, рече претседателот Иванов.

Од интерес на студентите е, исто така, да имаат поголеми можности за пракса и практично усовршување. Тие акцентот го ставија на квалитетот на задолжителната пракса и забележаа дека практичните настави кои ги организираат факултетите се често неефикасни. Студентите посочија на потребата од назначување на ментор во рамки на компанијата или институцијата каде се одвива праксата, кој ќе ги води низ практичните искуства.

Претседателот Иванов им честита на студентите за нивниот досегашен постигнат успех, истакнувајќи дека го радува фактот што отворено зборуваат за проблемите и предизвиците, што укажува на нивната подготвеност да придонесат кон унапредување на севкупниот образовен систем.

„Вие сте генерација на аудио-визуелни медиуми, и во такви услови пристапот до информациите и знаењето е голем. Преку интернет можете да најдете информации за стипендии и други можности за студирање и доусовршување. Владата на Република Македонија, исто така доделува околу 200 стипендии годишно за студирање во странство,“ истакна Претседателот и ги охрабри студентите да аплицираат.

Студентите беа едногласни во ставот дека за нив е голема чест што Претседателот покажа интерес и грижа за нивното студентско секојдневие и наставната програма по која што го надоградуваат своето знаeње, и изразија поддршка и за идни средби од овој вид. Тие исто така изразија благодарност до претседателот Иванов за доделувањето Орден за заслуги на УЈИЕ, по повод 10-годишнината од основањето на Универзитетот.

alt


  Back<<Назад