Да се почитуваме меѓу себе и да си простуваме – претседателот Иванов на свечена велигденска литургија во Соборниот храм
Недела, 15 Април 2012   

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денеска присуствуваше на свечената литургија во Соборниот храм „Св.Климент Охридски“ со која чиноначалствуваше Архиепископот Охридски и Македонски г.г.Стефан. Тој на сите православни верници им го честитаа најголемиот христијански празник Велигден и им посакаа многу здравје, радост, среќа, мир, слога и успех.

„Овие се празници кога се потсетуваме на нашата традиција, на она што ни го оставиле нашите предци во завет, да се почитуваме меѓу себе и да си простуваме, затоа што колку што ги почитуваме другите и им простуваме ним, толку тие ќе не почитуваат и ќе ни простуваат нам,“ истакна претседателот Иванов по свечената литургија.

Претседателот во оваа прилика остро го осуди убиството на петте лица кај скопското село Смиљковци, изразувајќи длабоко сочувство до семејствата на жртвите, а на сторителите на свирепото убиство им порача дека правдата е достижна.

„Овие денови не можеме, а да не си спомнеме за убиството на петтемина и да сочувствуваме со нивните семејства и со нивните блиски. Очекуваме тие тоа што го сториле да бидат пронајдени и да бидат казнети,“ нагласи Претседателот.

Велигден за христијанските верници е најголемиот и најсветлиот празник, симбол за победата на животот над смртта, на доброто над злото. Овој празник е спој на верата и традицијата, ден кога Исус Христос воскреснал од мртвите. Ден кога на симболичен и традиционален начин луѓето го слават докажувањето на божествената моќ на Исус.


 

  Back<<Назад