Иднината на нашите граѓани е во соживотот и во ЕУ – официјална посета на Претседателот на Република Албанија, Бамир Топи
Четврток, 19 Април 2012   

alb12Заложбата на балканските земји за членство во ЕУ и НАТО е процес кој нема враќање назад. Нашите граѓани треба да живеат во мир и хармонија и да делуваат и работат согласно правата и законите, во духот на европските стандарди и стремежот кон просперитетна иднина. Ова беше заедничката порака на претседателите д-р Ѓорге Иванов и Бамир Топи, од денешната прес-конференција при официјалната посета на албанскиот претседател на Република Македонија.

Двајцата претседатели порачаа дека во двете општества нема место за дела што можат да влијаат негативно на стабилноста на регионот. На средбата тие разговараа и за петкратното убиство кај Железарското езеро во Смиљковци, и изразија сочувство до семејствата на убиените.

Македонскиот претседател Иванов нагласи дека надлежните институции одговорно се однесуваат и дека тоа се очекува и од другите субјекти во општеството.

„За таа тема разговаравме и со претседателот Топи. Укажана е подготвеноста институциите и службите да соработуваат меѓу себе, за да може што побрзо да се откријат сторителите на овој грозоморен чин. Во интерес на сите нас е да се најдат сторителите, затоа што ако се охрабриле тоа да го прават кај нас, може да го направат и на друго место. Очигледно е дека на некој не му е во интерес регионот да напредува и да се подобруваат состојбите. Очекуваме надлежните институции да си ја завршат својата работа и очекуваме граѓаните да не подлегнуваат на шпекулации и на разни подметнувања што се вообичаени во вакви моменти", истакна претседателот Иванов.

„Секој дестабилизирачки или криминален чин треба да се третира како таков и да подлежи на сите институционални истраги  во рамките на правните институции. Јас сум против насилство од кого било и против кого било и оттука праќаме заедничка порака кон луѓето да живеат во мир,“ нагласи албанскиот претседател Топи, додавајќи дека секој националистички или ултранационалистички рефлекс или било каква клима на предрасуди, ќе им нанесе штета на односите меѓу Mакедонците и Aлбанците во Македонија, но и на односите во регионот.

Албанскиот претседател Топи побара и медиумите да не подлегнуваат на шпекулации и да упатуваат пораки за соживот и разбирање.

„Вие, преставниците на медиумите треба да праќате пораки за соживот во еден заеднички простор, каде интересот на земјата за зачленување во евроатланските структури треба да претставува интерес на секој граѓанин и да ги изолирате сите тие злонамерни пораки што имаат националистичка позадина," посочи претседателот Топи.

Претседателот Иванов се заложи за отворен и искрен дијалог за било кое отворено прашање: „Доста ни беа поделби, доста ни беа предрасуди, доста ни беа меѓусебни оговарања и работење, како што еден наш поет велеше, за туѓи бели дворови", нагласи претседателот Иванов.

Претседателите Топи и Иванов се согласија дека иднината на двете земји е во евро-атланските структури. Во тој контекст, претседателот Топи изрази силна поддршка за идно членство на Македонија во НАТО. Двајцата претседатели изразија и заложба за интензивирање на економската соработка меѓу двете земји, фокусирање кон ифраструктурните проекти и Коридорот 8.


  Back<<Назад