Нова ера на регионална соработка во ЈИЕ со инфраструктурно и енергетско поврзување - претседателска сесија на 15. Евроазиски економски форум
Четврток, 12 Април 2012   

altНе може да има траен мир и соработка без одржлив и забрзан развој, без учество на сите земји и општествени групи во развојот, истакна претседателот Ѓорге Иванов во обраќањето на претседателската сесија „Глад, сиромаштија и невработеност“, што се одржа денеска во Измир во рамки на 15. Евроазиски економски форум.

Претседателот Иванов подвлече дека е потребна нова ера на регионална соработка во Југоисточна Европа и во Евроазија, со конкретни проекти во економијата и со инфраструктурното и енергетското поврзување. Економијата зависи од инфраструктурното поврзување, пред сè на патниот, железничкиот и авионскиот сообраќај, истакна претседателот Иванов, посочувајќи дека од тие причини веќе долго време со неговите колеги од регионот се залага за поврзување на Јадранско-јонската магистрала со коридорите 8 и 10, крупен проект со огромна корист за целиот регион.

Без енергетската сигурност никој во светот денес не може да прави проекции за својата иднина. Затоа, сакам Република Македонија, но и другите земји од регионот да бидат енергетски поврзани. Особено сум задоволен што сме во напредната фаза на преговори за вклучување на Македонија на гасоводот „Јужен тек“. Но, не треба да се потпреме само на тоа, наведе македонскиот претседател.

На патот кон европските и евроатлантските интеграции, не треба да се стекнеме само со членска карта. Сакаме суштинско интегрирање на европските критериуми и стандарди во нашите држави и општества, во целиот наш регион. Сами сакаме да ја изградиме Европа во нашиот регион. Да ја изградиме преку општествена стабилност, реформи, професионална администрација, ефикасно и независно судство, рече претседателот Иванов.

Зборувајќи за предизвиците на човештвото во втората декада на милениумот, претседателот наведе дека климатските промени, влошувањето на состојбите во животната средина, ограничените енергенси, водата, минералните ресурси стануваат приоритет на глобалната политичка агенда. Во таа насока најави дека во јуни идната година ќе биде домаќин на Самитот на шефови на држави и влади на земјите од Југоисточна Европа.

Претседателот Иванов очекува да ги подигне регионалната свест и одговорноста за проблемите и предизвиците кои не познаваат граници, а чии последици се заедничка грижа. Последици кои, се неразделно поврзани и со прашањата за гладот, сиромаштијата и невработеноста, хронична болка на човештвото.

Македонскиот претседател се осврна на постигнувањата во намалувањето на нерамномерниот развој, кои веќе долго време се на приоритетната листа на системот на Обединетите нации. И покрај зголемениот пристап на голем број луѓе до чиста вода за пиење, намалување на смртноста на децата до 5 годишна возраст и зголемувањето на нивниот процент во основните училишта, резултатите, смета претседателот Иванов, не се доволни и сè уште не ги задоволуваат реалните потреби на човештвото. Во контекст на тоа укажа на податокот дека во светот многу повеќе се троши на наоружување и инвестиции во одбраната отколку за помош, развој и инвестиции во земјите во развој.

Претседател от Иванов претстави свое видување за потребата од операционализирање на регионален план на глобалната стратегија и напорите на Обединетите нации и на другите глобални фактори на светската политика. Тоа, побара институционално поврзување на политиките на земјите во регионите и воспоставување регионални механизми и институции за рамномерен развој. Стратегијата на Обединетите нации, порача претседателот Иванов, мораме да ја регионализираме и специфицираме, а во регионите да соработуваме на заедничка развојна политика, меѓусебно отворање и поврзување и на стратегија на одржлив развој.

На состанокот во Измир присуствуваа и македонските министри за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми и без ресор Хади Незир. Учествуваат над 250 претставници од 40 држави, меѓу кои претседателите на Црна Гора, Албанија, премиерот на БиХ, поранешни претседатели на Бугарија, Романија, Косово.

Целта на состанокот е понуда на заеднички решенија на државите од Балканот, Европа, Азија и Африка за обезбедување стабилност и поголем развој, како и привлекување на вниманието кон проблемите со гладот, сиромаштијата и невработеноста со цел нивно минимизирање. Гладот и сиромаштијата не се проблем само на луѓето и државите што се соочуваат со нив, туку и на богатите и моќните, кои треба да ги минимизираат ваквите состојби, оценија учесниците на состанокот. Петнаесеттото издание на Евроазискиот економски форум се одржува во организација на Мармара фондацијата, во соработка со Стопанската комора на Измир.


  Back<<Назад