| Да се вратиме кон основата на изворот на вербата и почитувањето на духовните вредности - средба со вселенскиот патријарх Вартоломеј | |
|
|
Покрај пораки за православно единство, претседателот Иванов и вселенскиот патријарх Вартоломеј разговараа и за проблемите со кои се соочува МПЦ, како и за чудото во црквата Св. Димитрија. Претседателот Иванов изрази надеж дека прашањето на МПЦ ќе биде надминато низ дијалог со взаемно почитување во духот на христијанството и дека македонските верници ќе си го заземат своето место во православната екумена. Црковните прашања, изјави претседателот Иванов по средбата, ги решаваат црквите, кои за тоа немаат ограничен мандат за разлика од политичарите. Црковните прашања си ги решаваат црквите. Ние сме политичари и сме ограничени со мандат. Црковните прашања кај црквата немаат ограничувања и тоа е процес кој ме радува што тече и кога-тогаш црквите ќе си го најдат своето решение, подвлече претседателот Иванов. Вселенскиот патријарх Вартоломеј од своја страна на средбата истакна дека неговите мисли и молитви и неговиот ангажман се во насока за надминување на братските недоразбирања и постигнување православно единство. Тој упати честитки за лидерството на претседателот Иванов, за неговата посветеност на духовните вредности, на дијалогот и толеранцијата на различностите. На средбата на претседателот Иванов со цариградскиот патријарх претходеше негово присуство на утринската богослужба во црквата Св. Ѓорѓија во дворот на Цариградската патријаршија. На литургијата, која ја предводеше неговата светост Вартоломеј, се подготвуваше светото миро што ги внесува сите верници во христијанството, чин што се прави на секои десет години непосредно пред велигденските празници. Претседателот Иванов рече дека станува збор за неповторлив настан, кој дава надеж за заедништво на верниците од севкупната православна екумена. Подготовката на светото миро се прави еднаш на 10 години и претставува настан кој е неповторлив и ги внесува во христијанскиот свет сите верници. Присуството на оваа литургија, разговорите кои ги имавме со вселенскиот патријарх, ни дава надеж дека и нашите верници ќе бидат во заедницата со севкупната православна екумена, изјави претседателот Иванов.
|
Сите треба да се вратиме кон основата на изворот на вербата и почитувањето на духовните вредности за подобро справување со предизвиците на денешнината, за обединување и за заедништво, оценија македонскиот претседател Ѓорге Иванов и вселенскиот патријарх Вартоломеј на денешната средба во Цариградската патријаршија во Истанбул.










