| Балкански мир - визија за иднината со поуки од минатото - Конференција на Алијансата на цивилизации | |
|
|
Светот да не ги повторува грешките од минатото за да биде подобро место за живеење, со што помалку конфликти, а повеќе слобода и демократија. Луѓето и религиите да се разбираат што повеќе, а цел на секој поединец да биде стремежот за слобода, порача во своето обраќање претседателот Ѓорге Иванов. Македонскиот претседател, пред повеќе од 200 учесници на конференцијата од политичкиот, економскиот, дипломатскиот и академскиот живот на Турција, направи преглед на последиците од конфликтите низ историјата во балканскиот регион и укажа на опасностите и причините за идните конфликти. Мапата на светот, истакна претседателот Иванов, денес покажува оти таму каде доминира слободата доминира и богатството, но многу од богатството на планетата е резултат на задолженоста на одредени земји. Тоа, укажува дека ќе имаме многу конфликти кои нема да бидат на религиозна основа, ниту за слобода, туку војни меѓу тие кои имаат и тие кои немаат. Глобалните случувања, рече претседателот Иванов, се одразуваат на состојбите на Балканот, кој станува место во кое спас бараат многумина од ризичните подрачја. Има постојано движење на луѓето и миграции кои предизвикуваат потенцијални конфликти. Поради тоа, Алијансата на цивилизации има многу работа. Треба да се води битка на многу фронтови, затоа што старите предрасуди кои потекнуваат од религијата не се исчезнати, поделбите кои ги создале идеологиите доминираат уште, но и современиот начин на живот кој создава големи долгови е извор на конфликти, подвлече претседателот Иванов. Тој истакна дека за да се постигне мир, светот треба да учи од минатото, за да не ги повторува грешките во иднината. Токму тука е улогата на Алијансата на цивилизациите, да влијае на луѓето и религиите да се разбираат меѓу себе, а слободата да биде цел на секој и да се користи желбата да се живее во подобар свет, оцени македонскиот претседател во предавањето што го одржа на конференцијата.
|
На свеченото отворање на Конференцијата на Алијансата на цивилизации, во Истанбул, претседателот Иванов како еден од главните говорници имаше свое обраќање на тема „Балкански мир - визија за иднината со поуки од минатото".










