Младите имаат потреба и желба да другаруваат меѓу себе – Караванот „Спортот како фактор на заедништво“ во Шуто Оризари
Сабота, 07 Април 2012   

Караванот од околу 300 ученици, на возраст од 9 до 12 години, од шест општини опфатени со проектот „Спортот како фактор за толеранција, заедништво и почитување“, кој се спроведува под покровителство на претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денеска гостуваше во општина Шуто Оризари.

Претседателот Иванов, кој присуствуваше на спортско-културната манифестација во рамки на проектот, потсети дека по Прилеп ова е втора општина во која учениците низ спортски активности и игра ќе се дружат и запознаваат.

„Тоа што го видовме во Прилеп и овде покажува дека кај младите има потреба и желба да другаруваат меѓу себе. Преку тоа другарување се запознаваат и ја осознаваат Македонија како земја на различности, кои сме ги почитувале, постојано сме ги негувале. Особено е значајно од мали нозе да ја почувствуваат таа моќ која дава заедништвото,“ истакна претседателот Иванов.

Според него, младите треба да имаат можности да другаруваат и преку спортот да го добијат чувството за натпревар, но во животот да го насочат кон постигнување успеси и стекнување поголемо знаење. Растењето во мултиетничка средина е голема придобивка и предност, а спортот е одлична основа за зближување, размена и другарување.

Претседателот информира дека за овој проект интерес да се вклучат покажале и други општини.

Носител на проектот е Здружението за развојни иницијативи - Геостратешки институт „Глобал“ во партнерство со општините вклучени во неговата реализација - Прилеп, Тетово, Центар, Старо Нагоричане, Шуто Оризари и Врапчиште. Целта на проектот е да им овозможи на учениците од основното образование од шесте општини преку спортски активности, дружење, комуникација и посета на локални културни знаменитости подобро да се запознаат со своите врсници кои поттекнуваат од различни културни и етнички заедници, да го развиваат духот на заедништво и меѓусебно разбирање и почитување.

Претседателот Ѓорге Иванов во Шуто Оризари го честиташе утрешниот Меѓународен ден на Ромите. Имаше средба со градоначалникот Елвис Бајрам и со советници во општината, кои изразија благодарност за оваа прва посета на претседател на државата на Општината, како и за тоа што настанот се случува во пресрет на Денот на Ромите.

alt 

  Back<<Назад