Поддршка за успехот и креативните идеи – Претседателот во посета на Бизнис центарот на гимназијата „Корчагин“
Четврток, 05 Април 2012   

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес го посети Бизнис центарот на гимназијата „Раде Јовчевски - Корчагин“- Скопје. Повод за посетата на Претседателот е освоеното второ место од страна на тимот на Гимназијата на Глобалниот виртуелен натпревар во претприемништво за 2012 година, организиран од Британскиот совет.

Четворицата средношколци - Бонита Колевска, Верче Карафиловска, Душан Трајковски и Андреј Георгиевски, на поставена задача што би направиле ако нивната земја биде домаќин на Олимписки или Параолимписки игри, развиле идеја за организирање и поставување Етно-села, енергетски ефикасни и пристапни за лица со хендикеп. Членовите на Бизнис центарот на Претседателот му презентираа концептот и бизнис идејата со која го осовоија второто место на глобалниот натпревар.

Претседателот Иванов го поздрави нивниот успех, нагласувајќи дека тоа е позитивен пример кој треба да се следи.

„Видов многу инвентивност и креативност во оваа гимназија и тоа е за почит. Наставниците и учениците создаваат нешто што е препознатливо и на глобален план. Не само што како држава инвестираме во образованието и им создаваме услови за иднината на овие генерации, туку преку овој пример видовме дека создаваме и млади за иднината. Овие млади луѓе покажаа дека стекнатото знаење можат да го истакнат и на глобален план и да добиваат награди. Ова е извонреден пример и за учениците и за наставниците, но и за тоа дека кога се има идеја, идејата победува,“ изјави претседателот Иванов.

Тимот од гимназијата Корчагин победи на државниот натпревар во претприемништво во октомври минатата година, по што влезе во конкуренција за најдобар бизнис-план на глобално ниво, во кој беа вклучени земји во развој како Босна и Херцеговина, Турција, Казахстан, Узбекистан, Јужно-афричката Република, Пакистан и Бангладеш. На Глобалниот виртуелен натпревар во претприемништво за 2012 победи проект на ученици од Јужна Африка, кој само за неколку поени разлика го понесе првото место пред македонските средношколци од „Корчагин“.



  Back<<Назад