Младите да го сватат заедништвото како основа за подобар живот – почеток на проектот „Спортот како фактор на заедништво“
Среда, 04 Април 2012   

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес во Прилеп го означи почетокот на проектот „Спортот како фактор за толеранција, заедништво и почитување” со кој се опфатени ученици од шест општини. Овој проект, чиј прокровител е Претседателот, има цел да им овозможи на учениците од основно образование од шест општини, преку спортски активности, дружење, комуникација и посета на локални културни знаменитости, подобро да се запознаат со своите врсници кои потекнуваат од различни културни или етнички заедници, да го развиваат духот на заедништво и меѓусебно разбирање и почитување.

Дружејќи се со децата од Тетово, скопски Центар, Старо Нагоричане, Врапчиште, Шуто Оризари и Прилеп, заедно со градоначалниците на шесте општини, на првата спортска манифестација во спортската сала „Сонце” кај Тутунскиот комбинат, претстедателот Иванов истакна дека најбитно е младите да го сфатат заедништвото како добра основа за подобар живот, а натпреварувачкиот дух да го насочат кон постигнување успеси.

„Проектот, реализиран со уште пет општини, има за цел преку спортот да ги обединува младите, да ги сплотува, да им овозможи да се запознаваат, да сфатат дека живееме во земја со различни религии, култури, јазици, и преку меѓусебното запознавање да ја учат таа различност и да ја почитуваат. Треба од мали нозе да ја сватат нашата реалност, дека мора да живееме заедно и тоа да го промовираме и чуваме. Младите треба да се натпреваруваат по добрина и успех и да научат дека во животот сè се постигнува со залагање и труд,“ нагласи претседателот Иванов.

Градоначалникот Марјан Ристески истакна дека е голема чест што проектот стартува од Прилеп, нагласувајќи дека задача на секој граѓанин е да ја негува мултинационалноста.

„Овој проект има за цел да придонесе младите да растат здраво, во мултиетничката средина, која е нашето најголемо богатство. Децата треба да се дружат и да се запознаваат, а спортот е одличен повод за дружење. Другарството што ќе се стекне, ќе трае,“ рече Ристески.

Во проектот се вклучени и истакнати поранешни македонски спортисти. Поранешните фудбалери Артим Шакири, Тони Мицевски и Марјан Станојкоски нагласија дека спортувањето е особено важно за сите млади луѓе.

„Им порачуваме на сите млади да спортуваат. Би сакале еден ден од нив да излезе голем талент и да нè претставува во македонската репрезентација. На децата треба да им се создадат услови да спортуваат,“ посочија фубалските легенди.

Носител на проектот „Спортот како фактор за толеранција, заедништво и почитување” е Здружението за развојни иницијативи - Геостратешки институт „Глобал“, во партнерство со општините вклучени во неговата реализација – Прилеп, Тетово, Центар, Старо Нагоричане, Шуто Оризари и Врапчиште. Во наредниот период слични спортско-културни манифестации ќе се организираат и во останатите општини. Поддршка за реализација на проектот обезбеди и бизнис заедницата, како и повеќе институции.


  Back<<Назад