Претседателот Иванов одржа завршно предавање на 15та Aкадемска конференција на млади политиколози во Охрид
Недела, 01 Април 2012   

polit_forumПретседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес во Охрид орджа завршно предавање пред учесниците на втората по ред Академска конференција „Европа со/без граници“, во организација на Македонскиот политиколошки форум и Правниот факултет „Јустинијан Први“ и со поддршка на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.


На идните политиколози претседателот Иванов им порача да не се плашат од успехот, своите активности да ги насочат кон подобрување и сопствено усовршување, оттаму што како академски граѓани тие делуваат во сите сфери на општеството и имаат можност значајно да влијаат врз севкупните состојби во земјата.


„Очекуваме овие млади луѓе кои учествуваа во конференцијата, во иднина да ги гледаме на многу одговорни функции. Добро е на овие години тие да се сплотени и единствени, да наоѓаат заеднички јазик за состојбите во земјата и во регионот, и да ја користат науката за осознавање на новата реалност во која живееме,“ порача претседателот Иванов говорејќи за денешните граници на Европа и како тие може да бидат поместени токму од студентите.


Во работата на Конференцијата во Охрид учествуваа 50 студенти по политички, економски и сродни науки од Македонија, Босна и Херцеговина, Србија, Албанија, Грција, Бугарија, САД, Велика Британија. Со годинешната конференција воедно се одбележува 15-годишнината од постоењето на Македонскиот политички форум, студентска организација при Правниот факултет, во која членуваат политиколози од сите нивоа на студии.


Темите на предавањата во рамките на конференцијата се однесуваа на концептот Европолис, економската ситуација и економските предизвици, предизвиците на ЕУ на Западен Балкан и иднината на земјите-кандидати за членство во ЕУ.

  Back<<Назад