|
Претседателот Иванов вечерва во претседателската Вила Водно приреди вечера на која присуствуваа апостолскиот нунциј акредитиран за Република Македонија, надбискупот Јануш Болонек, и претходниот апостолски нунциј во нашата земја, Сантос Абрил и Кастиљо.
Претседателот Иванов упати честитки за денешното поставување камен темелник на новата Бискупска резиденција во скопската населба Водно, изразувајќи задоволство што и практично почна да се реализра еден од неопходните услови за евентуалната посета на Папата, при што ја реафирмираше поканата папата Бенедикт XVI да ја посети Република Македонија.
Македонскиот претседател, исто така, упати честитки до претходниот нунциј Кастиљо за неговото именување за кардинал на Базиликата Санта Марија Маџоре.
На средбата беше потврдено дека Република Македонија и Светиот Престол негуваат односи исполнети со заемно разбирање и поддршка, како и дека политиката што ја води Светиот Престол и залагањата на меѓународен план, афирмирајќи ги врвните морални вредности, се совпаѓаат со надворешно-политичките ориентации на нашата држава. Република Македонија, како што посочи Претседателот, е мултинационална, мултикултурна и мултиконфесионална држава каде дијалогот, толеранцијата, почитувањето на различноста се вековна традиција.
„Нашиот модел на соживот, заснован врз принципот на интеграција без асимилација, е нашата најсилна легитимација во меѓународното општество, воедно и нашиот најдобар политички извозен продукт. Тоа е и нашиот придонес кон регионалната стабилност и просперитет,“ истакна претседателот Иванов.
На средбата стана збор и за заложбите на Република Македонија за јакнење на дијалогот меѓу религиите, како и редовното учество на конференциите посветени токму на меѓурелигискиот и меѓуцивилизацискиот дијалог. Претседателот Иванов го истакна задоволството дека на 10-годишнината од одржувањето на Самитот на шефови на држави и влади во југоисточна Европа посветен на Дијалогот меѓу цивилизациите, кој во 2003 година за прв пат се одржа во Охрид, Република Македонија повторно ќе биде домаќин на овој значаен настан во 2013 година.

|