|
Македонија покажа волја за мир - Одбележани 20 години од преземањето на првата караула „Рамна нива“
|
|
|
Со свечено постројување на некогашниот Одред на Територијалната одбрана „Козјак“ од Крива Паланка и во присуство на претседателот и врховен командант д-р Ѓорге Иванов и началникот на Генералштабот на АРМ Горанчо Котески, денеска во караулата „Рамна нива“ на македонско-бугарската граница беше одбележана 20-годишнината од преземањето на граничната линија од македонските територијалци од некогашната ЈНА.
Утрото на 11 март 1992 година територијалците од Крива Паланка поделени во три единици ги презедоа караулите „Рамна нива“, „Деве Баир“ и „Коприва“ од некогашната ЈНА, и за првпат во караулата „Рамна нива“ се развиори македонското знаме.
„Со одбележувањето на она што се случи пред 20 години симболично им оддаваме благодарност на сите војници и старешини, како и на државното раководство и раководството на Армијата што го почнаа она што значеше одбележување на границата на суверена и независна Република Македонија,“ изјави претседателот д-р Ѓорге Иванов по свеченоста.
Тој посочи дека со мирното предавање на караулата „Рамна нива“, Република Македонија тогаш испрати порака дека на мирен начин сака да го одбележи она што другите го правеа насилно и со оружје.
„Беше искажана волја дека со поставување на границите ние посакуваме со сите наши соседи да имаме мирни односи. Со овој чин Македонија покажа дека кон сите соседи сака да се однесува достоинствено и во интерес на сите што живеат во регионот и пошироко,“ истакна претседателот Иванов.
„Точно пред 20 години на денешен ден токму на ова место започна да се остварува сонот на плејада генерации македонски дејци Македонија да ја видат како независна и суверена држава. На овој ден македонското знаме гордо се развеа токму овде на караулата „Рамна нива“,“ нагласи Тогашниот министер за одбрана, Трајан Гоцевски.
Тогашниот командант на Обласниот штаб на Територијалната одбрана во Куманово под чии ингеренции била и Крива Паланка, генерал Ѓорги Каракутовски, потсети дека 11 март 1992 година претставува значаен ден и историски момент кој е длабоко врежан во севкупната историја на Македонија како темел во создавањето на Армијата на Република Македонија и независноста на нашата држава.
Централното одбележување на годишницата ќе биде свечената академија во Центарот за култура во Крива Паланка на која ќе се обрати претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов.
|