|
Апелирам до секој поединец да делува одговорно – претседателот Иванов ги осуди насилните инциденти
|
|
|
Претседателот на Република Македонија и Врховен командант на вооружените сили, д-р Ѓорге Иванов, денес од Крива Паланка, ги осуди зачестените насилни инциденти во текот на изминатите денови и испрати порака дека надлежните институции ги преземаат сите свои активности во рамките на нивните надлежности.
„Апелирам секој одговорно да се однесува, а кога ќе почувствувам дека има потреба ќе го свикам Советот за безбедност,“ истакна Претседателот во одговор на новинарско прашање на одбележувањето на 20-годишнината од преземањето на првата караула од Територијалната одбрана на Република Македонија од некогашната ЈНА во караулата „Рамна нива“ на македонско-бугарската граница во делот на Крива Паланка.
Претседателот Иванов посочи дека во неговиот Кабинет со внимание се следат сите настани што се случија по трагичниот настан во Гостивар, како и дека надлежните институции дневно информираат за секој случај поединечно.
„Загрижува што дел од младите се вклучени во сите овие настани. Надлежните институции ги преземаат сите мерки, меѓутоа и секој сегмент од општеството треба да ја почувствува својата одговорност за ова што ни се случува, почнувајќи од семејството преку училиштето, невладините организации, па до медиумите. Секој треба да има своја одговорност бидејќи знаеме што може да донесат настани кога некои млади заведени од кој било прават вакви немири кои влијаат на меѓуетничките односи во државата,“ истакна претседателот Иванов.
Шефот на државата нагласи дека секој треба да ја има предвид одговорноста од можните последици од ваквите настани и да делува одговорно.
|