|
Претседателот на Република Македонија и врховен командант на вооружените сили д-р Ѓорге Иванов, по повод Меѓународниот ден на жената – 8 март, организираше прием за жените вработени во Армијата на Република Македонија – професионални војници, подофицери, офицери и цивилни лица во служба на АРМ и Министерството за одбрана.
Честитајќи им го празникот претседателот Иванов потсети дека Македонија низ историјата имала големи жени борци, но и оти сегашните ги имаат истите вредности во поинакви околности.
„Овој ден е и да се потсетиме дека и ние во нашата историја сме имале многу жени херои, многу жени борци, така што вие доследно ја спроведувате таа традиција која почнува од Сирма Војвода, од Мирка Гинова, Ибе Палиќука, Елпида Караманли, жени кои го дале животот за оваа наша Македонија. Затоа се надевам дека ќе најдете начин како жени, кои сега сте во вооружените сили, кои се бават со една од најмашките професии, да ги одбележите овие наши борци, овие жени кои го дале својот живот,“ им порача претседателот Иванов на припадничките на Армијата.
Утрово, претседателот Иванов преку видео линк оствари контакт со припадничките на АРМ кои служат во мировните мисии - ИСАФ во Кабул, Авганистан и АЛТЕА во Сараево, Босна и Херцеговина, кои како и оние во Македонија даваат придонес за државата.
„Навистина сум особено горд што сум врховен командант на армија која има значаен број жени во своите редови и кои заедно со своите колеги мажи учествуваат во најтешките мисии и задачи. Македонската Армија е темел на нашата независност и сувереност, а Вие - жените во нејзините редови - сте гарант повеќе за успешноста на нејзината мисија, истакна претседателот Иванов.
Сакам, рече Претседателот, да ви честитам на сите ваши успеси што сте ги постигнале во животот бидејќи да се биде војник, да се биде офицер односно да се биде одговорен во една машка професија е нешто што е за почит.
Заблагодарувајќи му се на претседателот за срдечните честитки, припадничките на АРМ истакнаа дека оваа идеја и остварувањето контактот со претседателот по повод 8-ми Март, за нив е пријатно изненадување и голема чест. Тие упатија честитки до сите нивни колешки кои работат во Армијата на Република Македонија, како и до нивните семејства, до нивните мајки, баби и сестри.
Во мисијата ИСАФ има вкупно 170 припадници на АРМ, меѓу кои четири жени – професионални војници. Мисијата трае шест месеци од јануари 2012 до јули 2012. Во мисијата на ЕУ, АЛТЕА во Босна и Херцеговина, има 11 припадници на АРМ, од кои седум жени – состав на медицинскиот тим. Мисијата трае шест месеци од ноември 2011 до мај 2012.
|