Она што го прават во економијата, Грците го прават и во политиката - Интервју на Претседателот за Die Presse
Вторник, 06 Март 2012   

Во интервју за австрискиот весник Де Пресе, претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов зборува за иднината на македонските евро-атлански интеграции и перспективите за решавање на спорот со името со Грција. Претседателот во интервјуто наведува дека Грција намерно го одолговлекува решавањето на проблемот со името, како и дека актуелната грчка Влада во моментов го нема поставено тоа прашање високо на нивната политичка агенда.

„Во услови кога се справува со економската криза, Грција не е преокупирана со решавање на отворените прашања. Ние имаме проблем, Грција нема никаков проблем. Ние изгубивме 20 години, затоа што Атина го блокира почетокот на преговорите со ЕУ. За членството во НАТО ги исполнивме сите критериуми, во 2008 година Атина постави вето. Однесувањето на Грција има негативни последици за целиот регион. Нас не блокираат, Косово не го признаваат. Истото што го прават со Кипар, го прават и со нас. И тоа го прават од позиција на членка на ЕУ. Тоа е логиката на одолговлекувањето. Сè поочигледно е дека како што се справува со економијата, Грција така се справува и со политиката,“ наведува претседателот Иванов.

Претседателот појасни дека со блокирањето на влезот на Република Македонија во НАТО, Грција ја прекрши на Времената спогодба, поради што Македонија беше принудена да иницира процес во Меѓународниот суд на правдата во Хаг.

„Судот пресуди дека Грција ја прекрши спогодбата и очекуваме НАТО да ја прифати таа пресуда“, истакна македонскиот претседател.

Претседателот Иванов се осврна на неодамнешната посета на Генералниот секретар на НАТО, Андерс фог Расмусен на Атина, при што Грците како подарок му дадоа реплика од мечот на Александар Македонски и додаде дека симболиката на пораката во овој случај можеби била јасна дека со него би требало да го пресече Гордиевиот јазол.

Македонската јавност, според претседателот, ја разбира ситуацијата и фактот дека правиме сè што е во наша моќ да го затвориме ова прашање. Тој исто така истакна дека граѓаните на Република Македонија и Република Грција немаат проблеми меѓу себе.

„Многу Македонци традиционално одат на одмор во Грција, и голем број грчки бизнисмени инвестираат во Македонија. Многу грчки граѓани секојдневно патуваат во Македонија и ги користат услугите кои кај нас се поевтини. Двете општества немаат никаков проблем во комуникацијата, тој проблем е создаден од грчката политичка елита. Грчки политичари профитираат со користењето на оваа политика кон Македонија,“ нагласи претседателот Иванов во интервјуто за австрискиот Де Пресе.


  Back<<Назад