| Членството во ЕУ е највисок национален стратешки приоритет – ЕУ амбасадорот Аиво Орав ги предаде акредитивните писма | |
|
|
Посакувајќи му топло добредојде и успех во извршувањето на новата должност, Претседателот во поздравното обраќање изрази уверување дека богатото професионално искуство и познавање на Република Македонија, како и проактивниот ангажман на амбасадорот Орав, ќе придонесат кон достигнување на крајната цел – полноправно членство во Европската унија, за што земјата веќе ги исполни критериумите. „Членството во Европската унија е највисок национален стратешки приоритет, за кој постои континуиран и цврст консензус од граѓаните на Република Македонија. Европската комисија во три наврати, последователно, препорачува отворање на пристапните преговори со ЕУ. Нашиот регион во изминатиов период постојано добива позитивни вести, сведоци сме на позитивни придвижувања во ЕУ интеграцијата во целиот регион,“ истакна претседателот Иванов на церемонијата на предавање на акредитивните писма. Тој додаде дека Република Македонија со полно право очекува ЕУ што поскоро да ја донесе одлуката за отворање на пристапните преговори за време на Данското претседателство. „Бараме и очекуваме еднаков и фер третман од Унијата и од земјите-членки. Очекуваме позитивниот пример во интеграциските процеси од нашиот регион, принципот на паралелно движење во интеграцијата и во надминувањето на билатералните разлики да биде применлив и во нашиот случај,“ нагласи претседателот Иванов потсетувајќи дека нашата добра вера и конструктивност за надминување на отвореното прашање со Република Грција за името е потврдена и со неодамнешната пресуда на Меѓународниот суд на правдата. ЕУ амбасадорот Аиво Орав, истакна дека интересот на Европската унија е земјата-кандидат да постигне напредок кон Европската унија и да може да стане полноправна земја-членка. „ЕУ и натаму придава огромна важност на нашите билатерални односи, а претстојниот дијалог на високо ниво со Европската комисија претставува дополнителен доказ за тоа. Се надевам дека и двете страни ќе ги искористат овие можности во најголема можна мера,“ посочи амбасадорот Орав, додавајќи дека претпристапната помош на ЕУ е важна алатка за приближување на една земја-кандидат до Унијата, како и дека ЕУ и натаму дава целосна поддршка за одредбите и духот на Охридскиот рамковен договор.
|
Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор - Шеф на Делегацијата на Европската Унија во Република Македонија, Н.Е. Аиво Орав.










