| Средба Иванов – Фишер: Прашањето за името е пречка за битни одлуки во Европа | |
|
|
Во фокусот на разговорите на претседателите на Македонија и на Австрија во Виена, беа прашањата од заеднички интерес за двете земји, начините како да се зголемат австриските вложувања во Македонија, како и прашањето од врвен приоритет за Република Македонија - евроинтеграциите. „Зборувавме за односите меѓу Македонија и Австрија, ги отворивме прашањата за зголемување на интересот на австриските бизнисмени да инвестираат во Македонија. Разговаравме за актуелните состојби во регионот за прашањата што се од заеднички интерес, како и за она што најмногу нас не оптеретува, прашањето за нашите евроинтеграции и позитивните примери во регионот кои можат да се искористат и во нашиот случај,“ истакна по средбата претседателот Иванов. Двајцата претседатели разговараа и за новата атмосфера на Западен Балкан, со Хрватска како членка на Европската унија, и кандидатски статус кој Србија го доби пред неколку дена. „Македонија поради наметнатиот проблем со нашето име од страна на Грција е во статус-кво состојба. Секој пат имаме поддршка од претседателот Фишер кога станува збор за нашата перспектива во ЕУ за што сме благодарни,“ нагласи претседателот Иванов.
„Нема да кријам дека разговаравме и за една тема која долги години ја мачи Европа, односно прашањето околу името. Не може некој друг да го реши ова прашање освен самите Македонија и Грција, но постои голем интерес тоа да се реши на коректен начин со изнаоѓање фер решение, оттаму што тој спор претставува пречка за значајни одлуки во Европа,“ истакна претседателот Фишер. Австрискиот претседател го информираше претседателот Иванов за неговите разговори што вчера ги имал со претседателот на Хрватска, Иво Јосиповиќ, посветени на актуелната ситуација во Западен Балкан. Австрискиот претседател Фишер уште истакна дека со задоволство ја прифатил поканата на Иванов следната година да дојде во официјална посета на Република Македонија. Работната посета на Австрија претседателот Иванов ја продолжува во Салцбург, каде утре на свечена церемонија ќе биде инаугуриран во заштитник на Европската академија на науките и уметностите (ЕАНУ). Со оваа почесна титула претседателот Иванов ќе се приклучи кон групата заштитници на престижната академска институција, во која протектори се уште и претседателите на Австрија, Русија, Словачка, Словенија, Грција и на Швајцарската Конфедерација - Хајнц Фишер, Владимир Путин Иван Гашпарович, Данило Тирк, Каролос Папуљас, Дорис Лојтхарт, како и суеверените на Шпанија, Белгија и на Луксембург. Почесни сенатори на оваа академска институција се голем број актулени и поранешни шефови на држави и влади и други високи функционери и јавни личности.
|
Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, кој престојува во работна посета на Република Австрија, денес оствари средба со неговиот австриски колега, сојузниот претседател Хајнц Фишер.
Фишер, претседателот на Австрија, која важи за еден од најсилните поддржувачи на процесот на проширување на ЕУ, меѓу другото во оваа прилика го посочи проблемот што Грција го има со нашето уставно име како пречка при донесувањето одлуки значајни за поширокото европско семејство. 










