| Текстилната индустрија има потреба од работна сила - претседателот Иванов во посета на Штип | |
|
|
На средбата на Претседателот со претставниците на бизнис секторот, беа презентирани инвестициските потенцијали на градот Штип, со акцент на можностите за инвестирање во индустриските зони и во Технолошко развојно индустриската зона. Сепак, меѓу клучните забелешки на штипските стопанственици е потребата источниот дел од државата да добие помодерна патна инфраструктура што ќе овозможи побрза комуникација и транспорт на производите кон европските пазари. „Цела источна Македонија има потреба од нова посовремена инфраструктура. Сега е моментот да се стави поголем акцент на обновување за да можат максимум да се искористат и соодветно пласираат овдешните ресурси. Патниот правец Миладиновце - Штип би овозможил поголема комуникација и самите бизнисмени не би трошеле многу време и ресурси за транспорт. Потребно е подобрување и на јавниот превоз кон околните места,“ истакна претседателот Иванов. Штипските бизнисмени, исто така, го информираа Претседателот дека поради економската криза, претрпуваат одредени застои при извозот на производите, но дека вложуваат напори тие пречки да се надминат. Претседателот Иванов ја посети и текстилната конфекција „Албатрос“, која како што посочи, ја отсликува економијата на Штип.
Во изјава за медиумите при денешната посета на општина Штип, Претседателот се осврна и на постигнатиот договор за меѓународно претставување меѓу Србија и Косово, што е уште еден пример за паралелно одвивање на интегративните процеси со напорите за изнаоѓање решенија за билатералните спорови. Како што нагласи тој, тоа треба да биде модел кој ќе го применат и Скопје и Атина во надминување на спорот со името. „Кога има волја, има и начин. Ние не гледаме волја кај нашиот сосед да го направат истото што го направија Словенија и Хрватска – паралелно да ги водат интегративните процеси и да најдат решение. Волја да дојдат до решение покажаа и Србија и Косово. Ние потрошивме 20 години да ги поттикнеме нашите соседи да покажат волја да се дојде до решение за проблем кој тие го создаваат. Имајќи ја предвид нивната политика досега, очигледно е дека тоа што го правеа со Кипар, што го прават со Турција, сега го прават и со нас. Својот проблем го даваат да го решава Европската унија, го препуштаат да го решава НАТО,“ истакна Шефот на државата денеска во Штип. Запрашан како ќе ги коментира изјавите на Генералниот секретар на НАТО, Андерс фог Расмунсен и американскиот амбасадор во Македонија, Пол Волерс, дека консензустот е клучот кој нè спречува да влеземе во НАТО, Претседателот нагласи дека ваквите изјави не влеваат голем оптимизам во однос на одлуките на претстојниот Самитот на НАТО во Чикаго. „Ние се надеваме и очекуваме она што беше сторено во Букурешт да се исправи. Затоа што Грција ги доведе во заблуда другите членки укажувајќи им дека не дава согласност, а Грција со Времената спогодба има обврска да го почитува тоа што го договорила со нас и со меѓународната заедница,“ истакна претседателот Иванов додавајќи дека НАТО треба да ја почитува одлуката на Меѓународниот суд на правдата, кој стриктно и јасно кажа дека е направена грешка на Самитот во Буркурешт. Претседателот Иванов ја заокружи посетата на Општина Штип со посета на Заводот за заштита на споменици и Музејот на град Штип.
|
Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес во рамки на работната посета на Општина Штип, оствари средба со градоначалникот на општината, Зоран Алексов. На средбата претседателот се запозна со проектите кои во изминатиот период ги реализираше локална власт, со економскиот развој на општината, тековните и идните инвестиции. Градоначалникот Алексов го информираше Претседателот и за активностите и зафатите кои ќе овозможат помодерен и поубав изглед на градот.
„Разговаравме за можностите кои ги нуди оваа индустриска гранка и за перспективите за во иднина, но и за тоа што може од тоа богато искуство на штипската текстилна индустрија да се искористи за поголем развој. Во текстилната индустрија постои потреба од работна сила, голем дел од текстилните погони се соочуваат со недостаток на работници. Има потреба од работна сила во непосредното проиводство, но и од соодветен стручен кадар кој ќе овозможи да се задоволат критериумите на европските пазари, каде што најголем дел од ова производство се извезува,“ истакна Претседателот.










