Вашите успеси се успеси на Македонија - средба со членовите на Македонската традиционална карате федерација
Четврток, 23 Февруари 2012   

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска ги прими членовите на Македонската традиционална карате федерација, кои на последниот Европски шампионат во традиционално карате одржан во Ерусалим, Израел, постигнаа врвни резултати освојувајќи неколку медали.

Претседателот Иванов на средбата им го честита овој голем успех на македонските каратисти, посакувајќи им и натаму да продолжат со остварување нови спортски успеси и достигнувања, и достојно да ја претставуваат Република Македонија во светот.

„Вашите успеси се успеси на Македонија. Инвестициите во спортот се инвестиции во нашата иднина. Горд сум што со вашиот пример, младите денес имаат позитивни херои и идоли со кои ќе се идентификуваат. Како што се покажа во изминатиот период, колективните спортови и успесите на македонските репрезентации, ни ја вратија самодовербата и нè сплотија во заедничка радост,“ истакна претседателот Иванов на средбата, нагласувајќи дека каратето како спорт и вештина, бара голема физичка, но и психичка подготвеност и е израз на изграден и цврст карактер.

Селекторот и тренер на Македонската традиционална карате федерација, Венцислав Недев, му заблагодари на претседателот Иванов за големата поддршка и за тоа што ниеден спортски успех досега не поминал без признанието на шефот на државата. Во името на претседателството на федерацијата, тој на претседателот Иванов му врачи Плакета за заслуги.

Членовите на карате федерацијата го информираа Претседателот за тековните активности и подготовки, како и за плановите за учество на идните шампионати, посочувајќи дека најголема желба и цел им е Македонија да биде домаќин на некој од наредните светски првенства во карате, за што веќе поднеле кандидатура. Македонските карате репрезентативци истакнаа дека со градењето на новите спортски сали и објекти, се подобруваат условите за тренинзи и надградба, како основен предуслов за подигнување на спортската форма и постигнување на спортски резултати.

Репрезентативецот Дејан Недев, во Ерусалим освои златен медал, победувајќи во пет борби во дисциплината кумите, во конкуренција на 26 каратисти. На Европското првенство каратистите од македонската репрезентација освоија уште два сребрени и два бронзени медали. Европски вицешампиони во кумите екипно станаа Дејан Недев, Кристијан Кајчевски, Матеј Ангеловски и Аљоша Недев.



  Back<<Назад