Македонија е позитивен пример за изучување на јазиците на заедниците – посета на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“
Вторник, 21 Февруари 2012   

По повод 21 февруари, Светскиот ден на мајчиниот јазик, промовиран во рамките на Обединетите нации како ден на лингвистичката и културна разновидност и мултилингвизам , претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денес го посети Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, каде што покрај средбите со деканот, продеканите и шефовите на катедри,  имаше прилика да се сретне и со студентите.

Како што нагласи Претседателот, јазикот е комуникациски код, преку кој комуницираме, се осознаваме и ја изразуваме својата посебност, и секој да има право да го изучува и да го негува мајчиниот јазик, додавајќи дека Филолошкиот факултет ја негува таа практика, и покрај македонскиот, во оваа образовна институција се изучуваат и јазиците на другите етнички заедници, како и дел од светските јазици.

„Македонија е позитивен пример за изучување на јазиците на заедниците но, за жал, во соседните земји тоа не е случај. Затоа, денешниот Светски ден на мајчиниот јазик нека биде повик и мотив секој да си го негува својот мајчин јазик, и да не биде попречуван во тоа,“ изјави претседателот Иванов, нагласувајќи дека најголем непријател на мајчиниот јазик е оној што не го почитува.

На средбата со студентите на факултетот, а потоа и во изјава за медиумите, шефот на државата , цитирајќи го Конески, нагласи дека јазикот е духовна татковина и дека почитта кон него е и почит кон  традицијата и предците што го зачувале и го осовременувале јазикот.

„Јазикот ја содржи посебноста на секоја заедница и ни овозможува да сме луѓе. Без него ќе немаше поезија, ќе го немаше целото творештво и целото наследство од предците,“ истакна Претседателот, порачувајќи им на студентите да се грижат за чистотата на јазикот.

alt

Во врска со неодамнешните реакции кон идејата да бидат во мирување или да се намалат квотите за упис на студенти на катедрите за македонски јазик и литература, шефот на државата истакна дека проблемот е економски, а не политички. Тој најави дека заедно со Министерот за образование и наука сериозно ќе му пристапат и на прашањето за лекторатите по македонски јазик во светот, од кои изворно се запознал дека имаат финансиски проблеми.

„Како ќе се подобрува економската состојба, ќе има сè повеќе средства и за лекторатите. Се надеваме дека ќе биде надминат тој проблем и ќе се отвораат се повеќе лекторати,“ посочи претседателот Иванов.

На новинарско прашање во врска со неговиот впечаток по вчерашната средба со медијатотот на ОН, Метју Нимиц, претседателот нагласи дека Македонија е секогаш конструктивна и придонесува во изнаоѓање заемно прифатливо решение, а и самата изјава на амбасадорот Нимиц укажува дека ние како земја сме посветени на решавање на прашањето што трае веќе една и пол деценија.

„Истата посветеност и конструктивност ја очекуваме и од другата страна но, за жал, од таму во последно време немаме некои позитивни поместувања,“ рече шефот на државата по посетата на Филолошкиот факултет на Скопскиот универзитет.

Претседателот Иванов не смета дека Македонија и Грција сега се најразединети во спорот за името и тоа, според него, го потврдува и односот меѓу обичните граѓани на двете земји.

„Ако ја согледате состојбата меѓу обичните граѓани на Грција и на Македонија, таа е сосема поинаква. Исчезнуваат стравовите и предрасудите од минатото. Меѓу граѓаните нема никакви негирања и оспорувања. Овој проблем е создаден од политичките елити, кои го користеле за политички цели. Некои грчки политичари направија политички кариери држејќи го отворено ова прашање. Треба да ги согледаме сите димензии на сево ова. Ние сме тие што сме засегнати и трпиме поради тоа што Грција има проблем со нашето име. Ние немаме проблем на кого да докажуваме кои сме, самите знаеме кои сме и што сме,“ истакна претседателот Иванов.


  Back<<Назад