| Терминот „македонски“ во официјална употреба за македонската заедница во Австралија | |
|
|
„Соопштението на австралиската Влада дека официјално става крај на својата навредлива политика на преименување, значи враќање кон долготрајна и успешната политика на мултикултурата, која АМКЧП одамна ја поддржува,“ наведува Австралиско-македонскиот комитет во своето соопштение, посочувајќи дека и натаму ќе ги застапуваат барањата Владата на Австралија да ја признае Република Македонија под нејзиното официјално и демократско избрано име. Претседателот Иванов во возвратното писмо до Австралиско-македонскиот комитет за човекови права изрази особено задоволство по повод повлекувањето на наведената директива. „Писмата што ги добивте од Министерството за надворешни работи на Австралија и од Министерството за имиграција и државјанство со кои се потврдува дека во иднина ќе го употребуваат терминот ’македонски’ претставуваат голем успех за што искрено ви честитам,“ нагласи претседателот Иванов во своето писмо, поздравувајќи ги посветеноста и заложбите на членовите на Комитетот за признавање и подобрување на положбата на Македонците во Австралија, како и за афирмација на македонскиот етнички, јазичен и културен идентитет. „Горди сме на нашите сонародници во Австралија и благодарни за сè она што го прават во негувањето и афирмацијата на македонскиот идентитет и традиции. Како и досега, така и во иднина, ја имате мојата целосна поддршка. Пријателските односи и соработката меѓу Република Македонија и Австралија ќе продолжат да се развиваат и унапредуваат во сите сфери од заемен интерес, а големата македонска заедница во Австралија е мостот што секогаш ќе нè поврзува,“ се вели во писмото на претседателот Иванов. Кампањата на АМКЧП започна во 1994 година и вклучуваше сослушувања во Високиот суд на Австралија, Комисијата за човекови права и еднакви можности и Парламентарниот комитет за надворешни работи и трговија. Кампањата го достигна својот врв неодамна како последица на интензивна серија од размени на мислења, која вклучуваше средби и допишувања со министри на владиниот кабинет, вклучувајки ја и премиерката, парламентарни претставници од сите политички партии и повеќе владини министерства.
|
Австралиско-македонскиот комитет за човекови права (АМКЧП) испрати известување до Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, и до другите релевантни институции во државата, со кое информира дека нивните напори за правото на само-идентификување на македонската заедница и долготрајното лобирање, конечно дадоа позитивен резултат - австралиската влада официјално ја повлече “Славо-македонската директива“ со која македонската заедница беше преименувана во 1994 година.










