|
За плодна и бериќетна година и во согласност со македонските традиции, претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денес, на Денот на лозарите и големиот христијански празник – Св. Трифун, присуствуваше на свеченото одбележување на празникот во Кавадарци и Демир Капија.
Претседателот Иванов учествуваше во церемонијалниот чин на закројување на виновата лоза, посакувајќи им на лозарите богато производство на трпезно и винско грозје, а на производителите на вино уште поголем пробив на странските пазари.
„Денес сме тука во Тиквешијата да им посакаме на лозарите многу плодна година и многу бериќет, а на винарите многу квалитет. Македонското вино се почесто се наоѓа на трпезите и надвор од Македонија, станува македонски препознатлив бренд затоа што квалитетот кој го дава ова поднебје е познат од многу одамна и е заштитен знак на Тиквешијата. Се надевам дека и оваа година ќе оствариме и поголем извоз на македонското вино на светските пазари,“ истакна претседателот Иванов при денешната посета на тиквешкиот вински регион.
Тој нагласи дека особено радува фактот што оваа вековна традиција се обновува, и граѓаните на овој ден се собираат, се сплотуваат и го слават Денот на лозарите - Св. Трифун. Претседателот Иванов истакна дека по негов вкус е виното „Вранец“, произведено од истоимената карактеристична македонска сорта.
„Јас потекнувам од ова поднебје, во минатото сме имале и домашно лозје. Вранецот е специфична сорта за овие простори, а воедно е и многу здраво вино, кое служи и како лек,“ посочи Претседателот, кој во рамките на одбележувањето на празникот присуствуваше и на аукција на архивски вина во организација на Фондацијата „Тиквешки вински пат“.
Претседателот успешно лицитираше за неколку примероци квалитетно вино од познати македонски винарии, заедно со Министерот за финансии, Зоран Ставревски, американскиот амбасадор Пол Волерс и други претставници на дипломатскиот кор. Средствата собрани од аукцијата на вина ќе бидат наменети за Специјалниот завод „Демир Капија“ и за поддршка на лицата со посебни потреби згрижени во него.
|