Одбележување на 18 Август – Денот на Армијата на Република Македонија
Четврток, 18 Август 2016   

rotatorARM

arm1Почитувани припадници на Армијата на Република Македонија,
Почитувани присутни,
Драги сограѓани,

Ми претставува особена чест да ве поздравам и да ви го честитам 18 Август – Денот на Армијата на Република Македонија. Денешниов празник има двојна важност бидејќи го празнуваме во предвечерјето на прославата на четврт век од независноста на нашата татковина.

Но, денес нема да зборувам за почетоците на Армијата во мугрите на независна и суверена Република Македонија. Нема да зборувам ниту за големиот реформски напредок на евроатлантскиот пат. Ниту, пак, за бројните ротации во успешните мировни мисии и за илјадниците признанија и медали од партнерските држави и армии. Нема да зборувам бидејќи севкупното стекнато знаење и искуство беше ставено на тест во текот на изминатата година. А тој голем тест, Армијата на Република Македонија го положи беспрекорно.

Ценети присутни,

Денес, во Европа, храброста е скапа и ретка работа. Македонија покажа дека има храброст да се соочи со заканите. Додека НАТО и ЕУ тешко се справуваа со мигрантската криза и со обезбедување на границите, Република Македонија покажа дека има капацитет да ја менаџира заканата.

Клучна улога во овој потфат имаше и сè уште има Армијата на Република Македонија. Не само што го зачувува суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на државата, туку и ја зацврсти националната безбедност и сигурност на македонските граѓани.

Сè уште ми се свежи сеќавањата на минатогодишното чествување на Денот на Армијата. И добро се сеќавам дека само два дена подоцна донесов одлука за распоредување на Армијата на нашата јужна граница.

Затоа, како претседател на Република Македонија и како врховен командант на вооружените сили донесов одлука за одликување на два баталјона ‒ Баталјонот на воената полиција и Инженерискиот баталјон при Армијата на Република Македонија. Ордените за воени заслуги што ги доделив се израз на симболична благодарност од македонските граѓани до чуварите на нивната безбедност и сигурност. Денес мора да се истакнат предизвиците со кои се соочуваа за време на мигрантската криза.

Како врховен командант горд сум на Инженерискиот баталјон на Армијата, кој за само два дена подигна заштитна ограда во должина од 20 километри. Ќе повторам – 20 километри за само два дена.

Ако овој потфат е израз на храброст, тогаш морам да истакнам дека 20-километарскиот изграден пат за потребите на македонските граѓани и двата моста за граѓаните на Порој се причина повеќе да го вброиме Инженерискиот баталјон меѓу најзаслужните во нашата армија.

По својата заслуга нималку не отстапува ниту Баталјонот на воената полиција. Во изминатава година, припадниците на овој баталјон распоредени на нашата јужна граница во многу прилики ги изложија своите животи на ризик, извршувајќи ја својата уставна задача.

Одликувајќи ја оваа единица не смее да се заборават ниту ескортирањето на конвои и извршувањето на крајно сложени и опасни задачи во обезбедувањето на личности од посебно значење, како во Македонија, така и надвор од неа.

Во изминатите исклучително тешки 12 месеци исполнети со бројни закани и ризици, Армијата успешно спречи над 19.000 илегални преминувања. Армијата, заедно со полицијата, успешно ги спречи обидите на илјадници мигранти насилно да ја урнат заштитната ограда и да ја преплават територијата на нашата држава. Со тоа, Армијата и полицијата го чуваат и Балканскиот мигрантски коридор, а со тоа и самата Европа.

За време на мигрантската криза, 2500-те ангажирани припадници на Армијата постигнаа нешто што поголеми и подобро опремени армии не успеале да го направат. И единствениот ваш мотив беше желбата да се заштити татковината.

Но, мигрантската криза не беше единствената проверка за нашата Армија. Успешно оддолеавме на првиот мигрантски бран, но, за жал, не и на бранот на природната стихија.

arm2Почитувани присутни,

Пред само 10 дена, Република Македонија осамна во жалост. Во поплавата од огромни размери што зафати неколку скопски населби животите ги загубија 22-ца наши сограѓани и тоа од најранливите категории. Меѓу жртвите имаше најмногу жени и деца. Покрај непроценливата загуба на човечките животи, стотици семејства во Стајковци, Синѓелиќ, Ченто, Арачиново и во другите населени места во близина на скопската обиколница претрпеа и големи материјални загуби.

Ден по поплавите истакнав дека ова е време за хуманост и солидарност, време кога мора да ги оставиме на страна дневнополитичките расправии. Ме охрабрува тоа што секојдневно гледаме дека граѓаните и институциите се солидаризираа со луѓето од погодените области. Со донации, опрема, но и со работна сила. И нашите соседи од регионот, нашите пријатели и партнери во Европа покажаа солидарност во акција. Благодарни сме за сета помош што ни ја дадоа во овие тешки денови.

Но, една институција повторно се истакна по својата подготвеност и пожртвуваност, а тоа е Армијата на Република Македонија. Таа истовремено ја чува границата од напливот на илегалната миграција и им помага на сопствените граѓани зафатени во поплавените подрачја.

За посебна почит е да се истакне и следното. Додека траеја поплавите, единиците на Армијата веќе беа распоредени во најзагрозените подрачја на Скопско. За оваа задача, Армијата ангажираше над 2600 свои припадници и над 200 моторни возила. Без навремениот и пожртвуван ангажман на Армијата и жртвите ќе беа побројни и загубите ќе беа поголеми.

Сите знаеме дека ова не е прв пат. Во август минатата година беа поплавени подрачја во Тетово. Неколку месеци претходно, во февруари страдаше Пелагонија. И секаде Армијата помагаше во справувањето со природните непогоди и во санацијата на погодените подрачја. Секогаш и секаде Армијата е подготвена да им помогне на своите граѓани. Бидејќи таа е нивниот чувар.

Истакнувајќи ги овие заслуги, не можам, а да не посочам на еден парадокс што се случува во континуитет. Имено, колку повеќе се зголемуваат предизвиците, колку повеќе Армијата се ангажира, толку повеќе, од година во година, се намалува нејзиниот буџет. Притоа се очекува, со веќе намалениот буџет, Армијата de facto да ги извршува задачите на другите институции, вклучително и во справувањето со последиците од природните и од човекот предизвикани катастрофи.

Во оваа пригода ќе го повторам она што го потенцирам неколку години наназад. Многу е важно да се води сметка за буџетот на Армијата и за животниот стандард на припадниците на Армијата. Бидејќи Армијата ја штити и границата, и сувереноста, и безбедноста и унитарноста на Република Македонија.

Сè уште ги очекуваме ефектите од процесот на модернизација на Армијата. Затоа, барам на Армијата да ѝ се даде она што ѝ припаѓа, и она што ѝ е неопходно за да продолжи да биде штит на нашата независност и сувереност, и столб на нашата безбедност и стабилност.

Ценети присутни,

Се создаде навика при речиси секоја елементарна непогода прво да се ангажира Армијата. Тоа е, секако, израз на доверба дека Армијата успешно ќе ја изврши дадената задача. Како врховен командант можам со гордост да кажам дека Армијата секогаш ја оправдала оваа доверба. Но, што зборува оваа практика за подготвеноста на другите надлежни институции? Постојаниот ангажман на Армијата при елементарните непогоди не е трајно решение. Употребата на Армијата за справување со елементарните непогоди треба да биде исклучок, а не правило. Но, по сè изгледа дека се дозволи исклучокот да стане правило.

Затоа, денес, сакам да упатам повик до надлежните институции од системот за управување со кризи и од системот за заштита и спасување да постапуваат во согласност со своите законски надлежности. Не може да се дозволи целиот товар во справувањето со елементарните непогоди да паѓа врз Армијата и полицијата, кога во исто време имаат распоредени сили за заштита на државната граница. Неодговорно е да се трошат ресурсите на Армијата за да се штедат сопствените ресурси.

Катастрофалните поплави се отрезнувачка опомена. Опомена дека не е доволно само да ги санираме катастрофалните последици. Неопходно е да изградиме култура на отпорност кон ризиците од катастрофи.

По оваа катастрофа во Скопје, ништо не смее да биде како порано. Не смееме да чекаме катастрофата да се случи за да дејствуваме реактивно. Мора да дејствуваме превентивно. Не можеме да си го дозволиме луксузот на пасивност. Неопходна е зголемена институционална соработка меѓу институциите на централно и локално ниво. Неопходна е кохезија меѓу државата, науката и цивилното општество кога се во прашање државните интереси. Мора да се внимава што, каде и како се гради. Неопходно е конечно да се затвори кругот на одговорноста. Бидејќи само така ќе изградиме побезбедна иднина за нашите деца. А таа иднина е сè понеизвесна.

Истовремено, покрај природните, ги чувствуваме и последиците од човечките катастрофи од регионалните конфликти и пропаднатите држави на Блискиот Исток и во Северна Африка. Според информациите со кои располагаме, можен е и втор помасовен мигрантски бран. Тоа значи дека сè уште постои закана за насилно отворање на Балканскиот мигрантски коридор.

Мигрантската криза и финансиската и кредитна криза ги разнишаа темелите на двата столба на Европската Унија – Шенген-зоната и Еврозоната. Сè позачестените терористички напади ја продлабочија безбедносната криза. Вандализмот и насилните акти од екстремни движења ги поларизираат европските општества. Со други зборови, живееме во време на нов светски непоредок.

Во вакви услови, повеќе од неопходно е земјите од регионот меѓусебно да се поддржуваат, наместо меѓусебно да се блокираат. Сепак, во вакви сложени геополитички услови и понатаму сме сведоци на неодговорно блокирање на членството на Македонија во НАТО.

Но, ние не се обесхрабруваме. Не само што ќе ги продолжиме нашите евроатлантски интеграции, туку ќе продолжиме и со мировните мисии. Мисии што ни овозможија да ја потврдиме оперативната способност и интероперабилност на Армијата. Ќе продолжиме да учествуваме во мисијата „Одлучна поддршка" преку која го даваме нашиот конкретен придонес за изградба на безбедносниот систем на Авганистан, и создавање услови за побезбедна иднина на авганистанските граѓани. Но, нема да запреме тука. Армијата има капацитет и обученост за учество и во мировните мисии предводени од Обединетите нации.

Почитувани припадници на Армијата на Република Македонија,

Армијата многупати ја оправда довербата и на партнерите, но, уште поважно, на сопствените граѓани. Затоа, денес им го честитам овој празник на сите. На оние кои илјадници километри од тука го веат знамето на татковината. На сите оние кои ја штитат нашата граница. На сите оние кои им помагаат на граѓаните во поплавените подрачја.

Им честитам на сите припадници на Армијата на Република Македонија, на сите новопоставени старешини, војници и цивилни лица на служба во Армијата. Но, им честитам и на семејствата на припадниците за нивната поткрепа и охрабрување.

Ви честитам и ви благодарам за вашиот професионализам и за дисциплината во извршувањето на одговорната задача, но, пред сè, за вашата солидарност кон граѓаните и лојалност кон татковината.

Нека ни е честит празникот на Армијата, 18 Август!
Да живее Армијата на Република Македонија!
Да живее Република Македонија!

arm3

  Back<<Назад