|
Почитувани припадници на Министерството за внатрешни работи, Ценети присутни, Дами и господа,
Денешниов ден и датум ќе остане впишан во историјата на современата македонска држава. На 19 август 2015-та, пред точно една година, донесовме одлука за прогласување на кризна состојба.
Одлуката ја донесовме затоа што се соочивме со еден од најголемите предизвици во последните децении – а тоа е мигрантската и бегалска криза. Бегајќи од зоните на конфликти, анархија и назадување, милиони бегалци и мигранти од Блискиот Исток и Африка среќата ја бараат во Европа.
Оваа криза ја затекна Европската унија неподготвена. Многу европски идеали, принципи, политики и механизми паднаа на нејзиниот тест. Под притисокот на мигрантскиот бран попуштија Фронтекс и Шенген зоната. Се покажа дека кризата не може да се реши само со политички декларации и бирократски процедури, туку мора да се менаџира со помош и поддршка и од страна на безбедносните служби и армиски структури.
Географијата и историјата сакале Македонија да биде дел од Балканскиот мигрантски коридор. Редовно ја посетував јужната граница и многу добро се сеќавам на стравот кај нашите сограѓани од илегалната миграција. Истовремено, бевме свесни дека коридорот што го отворија бегалците, почнаа да го користат не само економските мигранти, туку и криминалните мрежи и терористите.
Соочени со овој голем предизвик, решивме да ја заштитиме територијата и да го контролираме мигрантскиот бран. Бевме првата држава во Европа која не е членка на Европската унија, а која прогласи кризна состојба за закана од илегална миграција, која доаѓа од територија на Унијата.
На почетокот се соочивме со критики. Поради расцепот меѓу фактичката и медиумската реалност некои ни замеруваа што подигнавме заштита ограда и не обвинуваа за нехуман однос кон мигрантите.
На дело покажавме дека како држава правиме се што е во нашата можност за да ги исполниме сите наши меѓународни обврски за хуман третман на мигрантите и бегалците.
Долго време се соочувавме со некооперативност од страна на службите на нашиот јужен сосед. Иако добивме помош и поддршка од повеќе европски држави, се уште чекаме да ја видиме конкретната помош од Европската унија, чија безбедност ја чуваме.
Сето ова се случуваше во период кога, покрај длабока внатрешна политичка криза, се соочувавме и се уште се соочуваме со закани од насилен екстремизам и тероризам.
Почитувани припадници на Министерството за внатрешни работи,
Во вакви исклучително сложени геополитички и безбедносни услови, вие, заедно со Армијата на Република Македонија успеавте да одржите отворени, а сепак добро контролирани граници.
Од моментот кога беше прогласена кризна состојба па се до затворањето на Балканската мигрантска рута во март оваа година, граничната полиција, заедно со Армијата успешно го менаџираше процесот на прифаќање, транзит и излез на над 760.000 бегалци и мигранти.
Од затворањето на Балканската рута до денес, над 22.000 мигранти беа спречени во обидот за илегален влез и транзит низ Република Македонија. Благодарение на вашиот деноноќен ангажман, над 80 кривични дела за криумчарење мигранти беа процесуирани. Со тоа се нанесе удар врз организираниот криминал што заработува од трговијата со човечки судбини.
Чувајќи ја границата од заканата од илегална миграција, вие го зачувавте суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на Република Македонија, и ја зацврстивте националната безбедност и сигурност на македонските граѓани. Но, истовремено, имате и многу поголема улога. Чувајќи ја границата, вие ја чувате и портата на Европа.
Благодарение на вашиот професионализам, ја стекнавме довербата и почитта на нашите сојузници кои во Македонија почнуваат да гледаат сè позначаен партнер. Тие правилно разбраа дека, помагајќи и на Македонија, си помагаат себеси. А има и зошто. Македонија има јасна, доследна и координирана политика во однос на мигрантската криза. Австрија, Полска, Словачка, Словенија, Србија, Унгарија, Хрватска и Чешка дури пратија и свои полициски сили за да помогнат во справувањето со оваа криза. Ним сме им многу благодарни.
Поради сево ова, како Претседател на Република Македонија и како Врховен командант чест ми со Ордени за воени заслуги да се заблагодарам на Одделот за гранични работи и миграции и на Единицата за обука и поддршка при Министерството за внатрешни работи. Овие Ордени се симболична благодарност од македонските граѓани до нивните бранители кои деноноќно ги чуваат нивните животи, имоти и лична сигурност.
Почитувани припадници на полицијата,
Чувајќи ја границата и чувајќи ја Европа, вие го чувате и меѓународниот углед на Република Македонија. Но, најважно од се, вие заедно со Армијата, го чувате угледот на државата во очите на сопствените граѓани. Ја чувате довербата на македонските граѓани во способноста и капацитетот на институциите да ја заштитат нивната безбедност. А довербата е поважна од се. Бидејќи, довербата во државата ни дава можност да ја планираме иднината на нашите деца, на нашите семејства.
До сега добро се држевте. Но, не смеете да се опуштите. Заканата од илегална миграција е се уште присутна. На повидок е втор, помасовен мигрантски бран од Африка. Се уште постои сериозна закана од насилно отворање на Балканскиот мигрантски коридор. Многубројните терористички напади ги поларизираа европските општества. Шверцерите со човечки судбини не мируваат, туку смислуваат нови начини и бараат нови, алтернативни мигрантски рути за да заработат од трговијата со луѓе.
Затоа, овие ордени за воени заслуги не се само израз на нашата искрена и длабока благодарност, туку и на нашето очекување да продолжите да ги чувате македонските граници уште побудно и поревносно.
Додека ја извршувате оваа одговорна задача, сетете се на следново. Во годината кога навршуваме четврт век од независноста, историјата не става пред голема проверка. Од вашата будност и готовност, од вашата спремност и професионализам зависи колку успешно ќе одговориме на овој тест на историјата. Од вас зависи како идните генерации ќе гледаат на нашата генерација, на вас, чуварите на границите на Македонија.
Ви благодарам.

|